Африм Гаши Фото: Собрание

Гаши прави терен за законот за правична застапеност

Претседателот на Собранието за в петок ја закажа првата седница на Комитетот за односи меѓу заедниците со задоцнување од две години.

Претседателот на Собранието Африм Гаши за в петок ја закажа првата седница на Комитетот за односи меѓу заедниците со задоцнување од две години. Со тоа, Гаши подготвува терен во собраниска процедура да влезе предлог-законот за правична застапеност. Како што веќе објави „Слободен печат“ законот за правична застапеност е заглавен меѓу Владата и Собранието, бидејќи владините партнери требаше да се усогласат за процедурата по која треба да се носи законското решение, односно дали за него е потребно Бадентерово мнозинство. За тоа пак, е неопходно да заседава Комитетот за меѓуетнички односи кој не е конституиран и по две години од конституирањето на Собранието.

На дневен ред на Комитетот за меѓуетнички односи е избор на претседател и на заменик-претседател.

 

Комитетот за меѓуетнички односи не е конституиран бидејќи ДУИ и Вреди не можеа да се усогласат кој ќе претседава со работното тело, кое е уставна категорија. Нема информации дали е усогласено кој ќе претседава со Комитетот.

Веќе објавивме дека Комитетот за меѓуетнички односи ќе решава за процедурата според која Собранието ќе го носи предлог-законот за правична застапеност.

-Предлог-законот за правична застапеност најверојатно ќе оди на Комитетот за односи меѓу заедниците. Комитетот пак, се надеваме дека деновиве ќе се конституира – велат собраниски извори.

Премиерот Христијан Мицкоски пред еден месец изјави дека законот е испратен во Собранието, додека од таму тврдат дека законот не е кај нив.
Куршлусот со законот е поради тоа што тој не е на листата закони за кои е потребно Бадентерово мнозинство. Според процените, бидејќи ги засега етничките заедници, законот би требало да се носи со двојно мнозинство. Законот помина на Влада и доби позитивно мислење од Венецијанската комисија, но владините партнери треба да решат во каква процедура треба да биде донесен законот, односно дали за него е потребно Бадентерово мнозинство. За ова, најсоодветно би било да решава Комитетот за меѓуетнички односи.

Законот за правична застапеност иако сѐ уште не влезен во собраниска процедура жестоко ја бранува јавноста, бидејќи ДУИ веќе се закани дека ако е потребно и со физичка сила ќе се спротивстави тој да биде донесен.

Законот за правична застапеност го чека Комитетот за меѓуетнички односи

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот