ФОТО+ВИДЕО | Фустан од 500 леба и сребрена катедрала – моден спектакл го одбележа 12. издание на Африканските филмски награди
Најголемата ноќ за африканскиот филм и мода, 12-тото издание на Африканските филмски награди (AMVCA) во Лагос, Нигерија, уште еднаш се претвори во неверојатен визуелен спектакл. Црвениот тепих во хотелот „Еко“ беше преплавен со скулптурни фустани, светкави ткаенини и театрални дизајни кои ја засенија дури и самата церемонија на доделување награди, пренесува „Би-би-си“.
Препорачано
Најголемо внимание привлече ријалити ѕвездата Квин Мерси Атанг, која се појави во фустан направен од повеќе од 500 парчиња леб. Придружувана од асистентки кои носеа послужавници со печива, таа објасни дека овој необичен избор е всушност креативен начин за промоција на нејзината пекарница. Иако дел од јавноста на социјалните мрежи упати критики за наводно трошење храна, дизајнерката Тојин Лаван порача дека ова е почеток на нов тренд каде секој треба „да го носи својот бизнис на себе“.

Вниманието го украде и Нана Акуа Адо од Гана, која носеше сребрен архитектонски фустан инспириран од познатата катедрала во Келн, Германија. Овој масивен фустан со рачно насликани детали налик на прозорци и кули бил во изработка уште од ноември 2025 година, а неговата цел била да ја преслика грандиозноста на светската архитектура на модната писта.

Вечерта помина и во знакот на емотивни победи и историски моменти. Актерката Линда Еџиофор влезе во историјата како првата личност што освоила две главни награди во иста вечер – за најдобра главна и најдобра споредна женска улога. Во филмскиот дел, апсолутен победник беше остварувањето „Сенката на татко ми“, кое ги освои наградите за најдобар филм, најдобра режија и најдобро сценарио, откако претходно забележа успех и на престижниот Кански филмски фестивал.

Покрај сјајот и гламурот, некои од присутните ги искористија своите креации за да испратат посилни пораки. Актерката Моника Фрајдеј се појави во виолетов фустан на кој беа извезени знамињата на седум земји, меѓу кои и Иран, опишувајќи го својот изглед како апел за мир во „Светот кој крвави“.

Со овој спој на екстраваганција и општествена одговорност, африканската филмска елита уште еднаш докажа дека модата е моќно средство за комуникација со светот.













