ФОТО | Неверојатно откритие од праисторијата: Пронајдена најстарата мониста во Америка

Фото: Принтскрин / Твитер

Археолозите во Вајоминг, САД ја пронајдоа досега најстарата мониста на западната хемисфера – украс од коска стар речиси 13.000 години направен од праисториски луѓе од културата Кловис, пишува „Лајв саенс“.

Цевчестата полирана мониста долга седум милиметри има неколку засеци и е направена од зајачка коска. Црвеникавата боја на неа се претпоставува дека потекнува од околната почва која е богата со железен оксид.

Истражувачите ја пронајдоа монистата во близина на остатоците од праисториско огниште заедно со други артефакти од луѓето од културата Кловис.

Доказите за луѓето од културата Кловис најчесто се поврзани со нивните познати врвови на копја. Тие пристигнале во Северна Америка пред повеќе од 13.000 години преку сега потопениот Берингов мост што постоел за време на последното ледено доба. Исчезнале пред околу 12.750 години, точно околу почетокот на студениот период на помлад Дријас и истребувањето на некои од големите животни во регионот.

Научниците велат дека првите Американци обично ги замислуваме како ловци на големи цицачи, особено мамути. Но, со ова откритие ја гледаме и другата страна од нивниот живот – облеката и накитот.

Инаку, малата мониста била пронајдена во 2016 година на локацијата Ла Преле во областа Конверс. Археолозите пронашле и повеќе од 40.000 камени алатки, како и делумни остатоци од млад колумбиски мамут (Mammuthus columbi), изгорени остатоци од бизон од леденото доба (Bison antiquus), коскени игли и остатоци од неколку огништа.

Анализата покажала дека коската од која е направена монистата е од зајак од родот лепус, но не можело да се одреди видот. Овие наоди се првиот јасен доказ дека луѓето од културата Кловис се хранеле со зајаци.

Не е познато како луѓето од културата Кловис ги користеле овие монисти, но се претпоставува дека служеле како ознаки за идентитетот или членството во групата.

Претходните студии на праисториски монисти сугерираат дека нивната употреба започнала кога густината на населението се зголемила и средбите со странци станале вообичаени. Сепак, луѓето од културата Кловис се чини дека користеле монисти и кога густината на населението била помала.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот