ФОТО | На 47 години, почина Бред Арнолд, фронтменот на рок-бендот „Три дорс даун“
Основачот и фронтмен на американскиот рок-бенд „Три дорс даун“ (3 Doors Down), Бред Арнолд, почина на 47 години по борба со рак на бубрегот. Членовите на бендот ја потврдија тажната вест на социјалните мрежи.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„Со тешко срце ја споделуваме веста дека Бред Арнолд, основач, главен пејач и текстописец на „Три дорс даун, почина во саботата, на 7 февруари, на 47-годишна возраст. Со својата сакана сопруга Џенифер и семејството покрај себе, мирно замина, опкружен со најблиските, во сон, по храбрата борба со ракот“, стои во објавата на бендот.

Тие додадоа дека Бред помогнал во преобликувањето на современата рок-музика со емотивни текстови и лирски теми кои допреа многу слушатели.
„Неговото пишување стана темел за цела генерација, создавајќи неколку хитови од 2000-тите, вклучувајќи го и големиот хит ’Kryptonite‘, кој го напиша на час по математика кога имаше само 15 години. Неговата музика одекнуваше далеку надвор од сцената, создавајќи моменти на поврзаност, радост, вера и заеднички искуства кои ќе живеат долго по неговите настапи“, се наведува во објавата.

Тие исто така нагласуваат дека Бред бил пред сè верен сопруг на Џенифер, а неговата добрина, хумор и великодушност допреле до сите кои имале среќа да го познаваат.
„Тие што му беа најблиски ќе го паметат не само неговиот талент, туку и неговата топлина, скромност, вера и длабока љубов кон семејството и пријателите. Семејството е длабоко благодарно за изразената поддршка и љубов во овие тешки моменти и љубезно молат да се почитува нивната приватност. Ќе ни недостасува и засекогаш ќе го паметиме“, порачаа тие.

Во мај 2025 година, Бред Арнолд откри дека му е дијагностициран рак на бубрег во четвртиот стадиум, но рече дека не се плаши и се заблагодари на обожавателите, замолувајќи ги да се молат за него.


