ФОТО: Македонските атлети со пет медали на Светските Специјални Олимписки Игри во Берлин
Во период од 17 до 25 јуни 2023 година тим од 13 атлети од Специјална Олимпијада – Македонија учествуваше на Светските Специјални Олимписки Игри во Берлин, Германија.
Препорачано
Од настапите во пет дисциплини: кошарка, пливање, бадминтон, атлетика и пинг-понг македонските репрезентативци освоија вкупно 5 медали.
– Златен медал: Агрон Хајредини, атлетика, категорија “Скок во далечина од место“
– Сребрен медал: Јулијана Петровска, атлетика, категорија “Скок во далечина од место“
– Сребрен медал: Стефан Трпковски, пливање, категорија “100 метри грбно“
– Бронзен медал: Марио Мицковски, пливање, категорија “100 метри слободен стил“
– Бронзен медал: Јане Никодиновски, бадминтон


– За мене, секој еден Член, претставник од нашата Специјална Олимпијада – Македонија е победник. Заедно покажавме како со посветеност, вложен труд и многу работа резултатите се загарантирани. Освоивме 5 медали, но уште поважно – ги освоивме и срцата на присутните во Берлин, а верувам и во Македонија. Навистина се гордееме со сите наши атлети, партнери, помагатели и директни учесници во овие Светски Специјални Олимписки Игри. Честитки и до тренерите кои беа во секој миг до нашите атлети, поддржувајќи ги неуморно – изјави Моника Бошкоска, Претседател на Специјална Олимпијада – Македонија.


На Светските Специјални Олимписки Игри македонската Делегација ја преставуваа 13 атлети, 6 тренери, 6 Партнери и 5 Делегати.
Светските Специјални Олимписки Игри имаат за цел обединување на различни култури и нации на едно место, без разлика на нивните ставови и размислувања, придонесувајќи за зголемување на степенот на инклузивност преку спортот. Оваа година, на игрите настапија над 190 земји со 7.000 репрезентативци, поддржани од над 3.000 тренери и 20.000 волонтери. Атлетите се натпреваруваа на 26 различни дисциплини. За време на оваа манифестација, покрај учеството во натпревари, атлетите имаа можност меѓусебно да се дружат, да се запознаат со голем број луѓе ширум светот, но и да ја демонстрираат моќта на подадената рака – со активна вклученост во различни сфери во општеството, како спортот, до стимулирање на развојот на лицата со интелектуална попреченост.


