ФОТО | Македонски познати личности кои нѐ напуштија во 2023

Годината во заминување, 2023, за некого донесе среќни моменти и успеси на лично и професионално поле, но за жал, беше година во која нè напуштија некои од нашите истакнати уметници, музичари, актери.

Иако моравме да се разделиме од нив физички, сепак нивните дела остануваат во нашата историја, како доказ за едно време во кое тие оставиле свој печат во уметноста, културата и јавниот живот во Македонија. Колегите од естрадата и театарот, заедно со публиката и целата јавност оваа година се простија од Катерина Крстева, Милан Завков, Димче Мешковски, Ферус Мустафов, Трајче Ѓоргиев, Виолета Џолева, Љубомир Бранѓолица, Кире Костов, Катина Иванова, Владимир Ендровски и Мето Јовановски.

Катерина Крстева / Фото МНТ

Катерина Крстева (20 јули 1941 – 9 јануари 2023)

Македонската театарска, филмска и телевизиска глумица Катерина Крстева, која меѓу народот беше позната како Мара Попара почина на 85-годишна возраст. Катерина Крстева е дел од создавањето на историјата на театарската уметност во Македонија. Нејзиниот препознатлив и ведар дух и лик, како и веселост на театарската сцена и ТВ екраните ја направија миленичка на широката театарска, филмска и телевизиска публика.

Фото: Принтскрин – Инстаграм

Милан Завков (1 јули 1962 – 6 февруари 2023)

Македонскиот виртуозен хармоникаш, композитор, првенец на Танец и долгогодишен раководител на оркестарот, Милан Завков почина на 61-годишна возраст. Работел заедно со саксофонистот Ферус Мустафов и бил долгогодишен член на групата „Македонски мерак“, а подоцна и дел од ансамблот „Танец“ како симбол на македонскиот традиционален фолклор. Автор е на голем број песни, изведувани од страна на Виолета Томовска, Гоце Арнаудов, Ефто Пупиновски, Благица Павловска, Анета Мицевска, Ленче Кукиќ и Горан Кукиќ.

Димче Мешковски / Фото: Скриншот/Јутјуб

Димче Мешковски (31 октомври 1945 – 20 март 2023)

Доајенот на македонското глумиште, актерот Димче Мешковски почина на 77-годишна возраст во Америка, каде што живееше долги години. Тој беше вработен во Драмски театар Скопје од 1967 година до неговото пензионирање во 2002 година. Во творечката биографија на Мешковски се забележани над 100 одиграни улоги со над 6.000 изведби. Широкиот дијапазон и талент на Мешковски го позиционираше како актер што дал немерлив придонес играјќи повеќе театарски жанрови.

 

Фото: Фејсбук/Ферус Мустафов

Ферус Мустафов (20 декември 1950 – 22 мај 2023)

Македонскиот кларинетист и саксофонист Ферус Мустафов, по кратко боледување почина на 72-годишна возраст. Настапувал во голем број земји во светот и снимил десетина албуми, главно со инструментални композиции. Тој се здобил со меѓународна публика преку изданијата на албумите на светските музички записи како што се Глобус Стил и Тропски.

Трајче Ѓоргиев / Фото МНТ

Трајче Ѓоргиев (28 јули 1967 – 3 јуни 2023)

Македонскиот глумец и драмски режисер, Трајче Ѓоргиев почина на 56-годишна возраст. Ѓоргиев од 1997 година работел во Македонскиот народен театар (МНТ), а во периодот од 1990 до 2010 година, Ѓоргиев играл во повеќе од 40 претстави. Ѓорѓиев бил основач и главен двигател на ПАНФИЗ, меѓународниот фестивал за пантомима.

Виолета Џолева (16 јули 1951 – 27 јуни 2023)

Македонската театарската и ТВ-режисерка Виолета Џолева, по кусо боледување почина на 71-годишна возраст. Џолева е една од напознатите македонски режисерки. Била член на Радиодрама, режисерка во РТВ Скопје, како и во Камерниот театар во Сараево, по што од 1992 до 1994 година работи како слободна уметничка, а од 1994 била драматург и режисерка на МРТ.

Љубомир Бранѓолица (19 август 1932 – 23 јули 2023)

Македонскиот композитор и автор на филмска музика Љубомир Бранѓолица почина на 90-годишна возраст. Тој бил исклучително плоден творец, во повеќе подрачја и повеќе музички жанрови. Освен класична, пишувал и популарна и џез – музика, музика за театарски претстави, филмска и детска музика. Се пројавувал и како публицист пишувајќи низа, главно балетски критики, како и неколку книги меѓу кои и обемната монографија „Музика – 50 години со вас“.

Фото: Скриншот/Јутјуб

Кире Костов (14 септември 1949 – 27 јули 2023)

Македонскиот композитор и диригент Кире Костов, по подолго боледување, почина на 73-годишна возраст. Автор е на околу педесетина композиции во оркестарска изведба од областа на џезот. Од областа на популарната музика има околу триста наслови како композитор – „Летај галебе“, „Кога те нема“, „Твоите очи сине“, „Синот божји“, „Тајно моја“, „Илузија“ и многу други, и уште толку како аранжер на други автори. Добитник е на бројни награди и признанија.

Катина Иванова / Фото: МНТ

Катина Иванова (1 јуни 1951 – 10 август 2023)

Македонската театарскa, филмскa и телевизискa глумица Катина Иванова почина на 72-годишна возраст. Дипломирала на Факултетот за драмски уметности во Скопје, а од 1978 година е член на ансамблот на Македонскиот народен театар, и работи сè до нејзиното пензионирање во 2016 година. Со подеднаква професионална љубопитност и страст настапува и на сцената на други театри низ Македонија, како и во проекти на независни театарски трупи. Снимила десетина филмови и ТВ серии докажувајќи се како актерка со исклучителен креативен потенцијал.

Фото: МНТ

Владимир Ендровски (18 април 1963 – 20 август 2023)

Македонскиот театарски, филмски и телевизиски глумец Владимир Ендровски почина на 60-годишна возраст. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности, а во Македонскиот народен театар се вработил во 1993 година, каде работи сѐ до неговата прерана смрт во 2023 година. За неговиот талент и ненадминливите, секогаш препознатливи ликови, останаа да сведочат и неколку филмови и серии во кои тој глумеше.

Мето Јовановски / Фото: Фејсбук/Мето Јовановски

Мето Јовановски (17 јануари 1946 – 16 ноември 2023)

Македонскиот театарски, филмски и телевизиски актер Мето Јовановски почина на 77-годишна возраст. Неговата актерска кариера започнала на сцената на Народниот театар во Штип, каде настапувал уште пред да се запише на студиите. По дипломирањето истата година се вработува во Драмски театар од Скопје. Оттогаш, за многу кратко време, Мето Јовановски се истакнал како еден од водечките драмски уметници во Македонија. Едни од омилените улоги на Јовановски на македонската публика се оние од филмовите „Среќна Нова 49“, „Тетовирани души“, „Пред дождот“, „Големата вода“, „До Балчак“ итн.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот