ФОТО | Ќерката на Илон Маск за детството во богатство: „Гледав бездомни луѓе и уште од многу мала сфатив дека не е фер“
Вивијан Џена Вилсон, отуѓената ќерка на Илон Маск, проговори за своето растење покрај еден од најбогатите луѓе во светот, опишувајќи го детството како „изолирачко“ и „чудно“. Вилсон, која во 2020 година објави дека е трансродова личност и во меѓувреме ги прекина сите врски со својот татко, за ова зборуваше во интервју за списанието „Космополитан“.
Препорачано
„Тоа е многу чудно искуство, изолирачко. Високата класа има свои приватни училишта, друштвени кругови и сè останато“, изјави Вивијан, која посетувала елитното училиште „АдАстра“ на кампусот на „СпејсИкс“ во Калифорнија, а подоцна се префрлила во приватното училиште „Кросроудс“.

Таа откри дека уште како дете била свесна за нееднаквоста.
„Дури и како дете си мислев: ‘Ова е малку невкусно.‘ Се сеќавам дека како многу млада видов бездомништво и почувствував мачнина во стомакот. Луѓето ме критикуваа затоа што бев драматично дете. Но не, имав право да бидам драматична за тоа“, рече таа.

Освен чувството на изолација, Вилсон забележала и „ниво на оддалеченост од реалноста што оди во прилог на богатството“, како и „илузија дека тоа е заслужено додека луѓе спијат на улица“. Сепак, таа призна дека „била богато дете“ и дека „не треба никому да држи предавања за материјализмот“.
Во интервјуто истакна дека била сведок како парите „ги расипуваат“ луѓето околу неа.
„Го видов тоа од прва рака. Тоа те менува, а желбата за моќ ги расипува луѓето однатре. Да стекнеш богатство, а да сакаш уште повеќе – тоа е бескраен циклус на алчност во кој ништо не е доволно и некако полудуваш. Тоа те претвора во некој друг. Искрено, тоа е еден од моите најголеми стравови“, изјави Вилсон.

Да потсетиме, Маск ја доби Вивијан со својата прва сопруга Џастин во 2004 година. Таа се откажа од него во 2020 година, кога јавно објави дека е трансродова личност. Родена како Ксавиер Александер Маск, таа го промени името во 2022 година, кога наполни 18 години, а истата година поднесе и барање за правна промена на полот.
Од тогаш, неколкупати јавно се судри со својот татко. Пред две години Маск изјави дека бил „измамен“ да дозволи таа да го промени полот и го обвини т.н. „воук вирус“.
На тоа, Вивијан одговори една година подоцна: „Баш ми е гајле за него. Навистина. Напорно е што луѓето ме поврзуваат со него“, порача таа.


