Биста од базилика во Рим - Фото: Инстаграм

ФОТО | Биста од базилика во Рим повторно му е припишана на Микеланџело по повеќе од 200 години

Мермерна биста која со векови стоела во една римска базилика повторно му е припишана на прочуениот ренесансен уметник Микеланџело, по речиси два века во кои нејзиното авторство било непознато, покажува ново истражување претставено во средата, пренесува „Ројтерс“.

Скулптурата, која го прикажува Исус Христос, се чува во базиликата Sant’Agnese fuori le mura во Рим. До почетокот на 19 век таа се сметала за дело на Микеланџело, но подоцна авторството било доведено во прашање и на крај било изгубено.

Биста од базилика во Рим – Фото: Инстаграм

Италијанската независна истражувачка Валентина Салерно повторно ја поврзала скулптурата со ренесансниот мајстор по десетгодишно проучување на архивски документи, инвентари и преписка. Таа е член на ватиканскиот одбор формиран за одбележување на 500-годишнината од раѓањето на Микеланџело.

Според документите, се доведува во прашање долгогодишното мислење дека Микеланџело систематски ги уништувал своите недовршени дела во подоцнежниот период од животот. Наместо тоа, изворите укажуваат дека неговите цртежи, студии и дел од мермерните скулптури биле внимателно зачувани и пренесувани во доверлив круг по неговата смрт.

Истражувањето покажува дека постоела дискретна мрежа преку која дела без јасно авторство биле преместувани во верски институции и споредни складишта, каде што останувале како дел од црковни поставки наместо да се појават на пазарот на уметнички дела. Бистата од базиликата Sant’Agnese, која денес се наоѓа во странична капела, најверојатно била дел од токму таков процес.

Салерно, со помош на академикот Микеле Рак, поранешен професор на Универзитетот во Сиена, изјавила дека не се смета за класичен експерт во областа на пазарот на уметност. Сепак, своето откритие го опишува како „револуционерно“, бидејќи, според неа, може значително да го промени разбирањето на биографијата на Микеланџело и историјата на неговите скриени дела.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот