printskrin imbd

Филмот „Супернова“ – Гаснењето на еден човечки живот како и гаснењето на ѕвездата, има еднакво вселенска димензија

Може ли да се ужива во филм/драма кога темата е мачна, дури траорна и вознемирувачка? Секако, ако е во прашање беспрекорната продукција на „Би-Би-Си филмс“. Тоа подразбира не само врвна техничка изведба туку и режисерска, дијалошка, актерска, музичка и снимателска перфекција. Таков е првиот впечаток по гледањето на филмот „Супернова“, дека станува збор за исклучително балансиран филм на сите нивоа.

„Супернова“ не е ниту грандиозен филм ниту тематски особено оригинален, ниту, пак, му се потребни такви перформанси. Нема агресивна драматургија, нема конфликт. Има меланхолија, сочувства, разбирање и сето тоа спакувано во богатството на дијалогот, никогаш претенциозен, секогаш прецизен.

Сем и Таскер се пријатели и љубовници 20 години, нераскинливо поврзани со меѓусебната доверба, почитување и разбирање. Со дијагнозата за Алцхајмерова болест на Таскер и со нејзиното прогресирање, нивната врска добива димензија на целосна меѓусебна зависност. И страв! Таскер од смртта, Сем од смртта на Таскер. Патувањата низ англиските пејзажи со нивниот трајлер треба да им го потисне тој страв. Драмата едноставно лебди, но зборовите на Таскер (во неговите светли мигови) болат: „Ќе дојде време кога ќе забораваме дури и како се заборава“. Боли и изведбата на клавирската етида на Сем на крајот од филмот. Енигматичниот крај што треба сами да го протолкувате е уште една болка повеќе. Самоубиството како разумен чин на ослободување е преџвакана теза и тема во стотици филмови. Разликата е во тоа што во „Супернова“ е избегнат вулгарниот пристап кон оваа тема. Не за биолошко, туку за духовно заминување.

Сето погоре кажано би било веројатно на работ од патетично мелодрамско цимолење доколку не беа Колин Фирт и Стенли Тучи. Нивните актерски квалитети се одамна потврдени, но во „Супернова“ сепак станува збор за поинаков актерски пристап. За неверојатно контролиран опсег во нивната игра. И Фирт и Тучи зрачат со својата едноставност, и во избришаната солза и во воздржаната насмевка.

Хари Мекин со овој свој втор филм направи вистинско изненадување во круговите на филмските професионалци и филмољупци. Се покажа како одличен сценарист и режисер со сензибилитет на искусен филммејкер.

Би можеле детално да ја елаборираме и снимателската работа на Дик Поуп, толку мека а блескава, толку едноставна а магична.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Jamie Warfield (@jamie_warfield)

Англискиот композитор Китон Хенсон суптилно и допадливо ја следи меланхоличната линија на филмот, иако сметам дека бил под силно влијание на Ник Кејв и Ворен Елис („The Road“).

„Супернова“. Толку едноставно, (а со моќна алузија за гаснењето на една ѕвезда), одбран е насловот на филмот. Гаснењето на еден човечки живот како и гаснењето на ѕвездата, има еднакво вселенска димензија.

Во врска со насловот на филмот, еве една интересна аналогија со одличната анимирана серија на Нетфликс „Љубов, смрт и… роботи“. Резервниот наслов на „Супернова“ би бил „Љубов, смрт и… луѓе“.

Оценка: 4+

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот