Филмот „Дедо и Внук“ на Илија Пиперкоски од денес се прикажува во Кинотека во Скопје

Играниот филм „Дедо и внук“ на режисерот Илија Пиперкоски од денеска до вторник ќе се прикажува на репертоарот на Кинотека во Скопје. Вечерва и во понеделник, гледачите ќе можат да го погледнат филмот во терминот од 20:00, а во сабота и вторник од 18:00 часот.

Филмот ја раскажува приказната за настаните поврзани со смртта на еден млад пациент, по која младиот доктор Никола се обидува да направи ред во својот живот и оди на посета кај неговиот дедо. Последен пат бил кај него пред 10 години. Ова е филм за конфликт на генерации, со контраст на морални вредности, моменти за втора шанса.

Пиперкоски за „Дедо и Внук“ освои бројни награди на меѓународни фестивали, меѓу кои и наградата во категоријата „Најдобар филм“ на Интернационалниот Филмски Фестивал во Париз, за најдобра режија на The Buddha International Film Festival, а доби и две признанија за извонреден придонес во светот на филмот (Outstanding contribution to the world of Cinema) од 4-th Dimension Independent Film Festival и уште една награда на TIFF -Tagore International Film Festival во категоријата играни филмови.

Во филмот играат: Салаетин Билал, Дејан Лилиќ, Даниела Ивановска, Горан Стојаноски, Благој Веселинов и други актери, меѓу кои се истакна и тогаш 12-годишниот охриѓанец Наум Цветкоски. Продуцент е Огнен Антов од „Дрим фактори“, во соработка со: „Пандорас бокс продукција“ и „Елиен филм“, и е финансиски помогнат од Агенцијата за филм. Директор на фотографија е Романецот Патру Паунеску, сценографијата е на Владимир Зафирковски, костимограф е Жаклина Крстевска, композитор Оливер Тевчев, а монтажата ја направи Данчо Стефков.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот