Филипче: Сметам дека направивме прилично успешен модел на борба со вирусот, ова е борба во која учестуваат сите граѓани (ВИДЕО)

Во текот на вчерашниот состанок разговаравме за олабавување на некои мерки, но денеска се финализира таа дискусија. Треба да се финализира целиот детален план и препораките за функционирање. Целокупниот материјал е спремен, но кога ќе се прецизира датумот ќе се дискутира денес. Ние направивме еден наш автентичен модел според карактеристиките на населението. Две држави не може да се споредат една со друга. Сметам дека направивме прилично успешен модел на борба со вирусот. Попуштање на мерките да биде само во одредени градови и региони е тешко да се препорача, бидејќи од самиот почеток имавме пристап на национално ниво. Попуштањето ќе оди така, изјави министерот за здравство, Венко Филипче во гостувањето во „Утрински Брифинг“ на „Слободна ТВ“.

ОЛАБАВУВАЊЕ НА МЕРКИТЕ

– Кога ги димензионираме мерките и сега кога разговараме за нивно олабавување имам предвид дека станува за комплексен систем, а не за црно-бела ситуација кога нешто може да се имплементира, а после да се попушти. Станува збор за комбинација на мерки кои доколку се почитуваат ќе значи и намалување на трансмисијата на вирусот. Ние сме една од првите земји во Европа која препорача носење на заштитни маски, која доколку се почитува имаме сериозна шанса и покрај тоа што ќе препорачаме зголемена слобода на движење и скратување на полицискиот час, ќе имаме една од повеќето мерки која што ќе го спречи ширењето на вирусот.

ЛАЖНИ ИНФОРМАЦИИ

Околу лажниот мејл кој што се појави деновиве и ги информира граѓаните дека имале контакт со заболено лице, Филипче вели дека во целиот изминат период голем проблем била борбата со лажните вести.

-Тие креираат паника, која го загроува јавното здравје. Ова е сериозен прекршок и некој не смее да си поигрува.

Околу информацијата за лажните тестови кои се продаваат во една приватна болница, министерот Филипче изјави дека тоа е надвор од ингеренциите на министерството, туку предметот е за ДСЗИ и Агенцијата за лекови.

-Ние како министерство од почетокот набавуваме реагенси за капацитетите на нашите лаборатории. Тоа се реагенси за испитување на вирусот, а не на антителата.

ПРАВИЛАТА ПОД КОИ ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ИЗЛЕЗЕ НА ГЛАСАЊЕ

-Сите јавни собири, ќе бидат со посебни протоколи. Тоа што е многу важно е дека со вирусов ќе живееме во целиот период кој е пред нас. Тој нема да исчезне се додека не се измисли вакцината. Но морам да спомнам и дека работата е под контрола и ги очекуваме протоколите и мерките од Комисијата.

СПРАВУВАЊЕТО СО КРИЗАТА И ЈАВНИТЕ СОБИРИ

-Одлично се справивме со кризата. Добро се координиравме и организиравме. Поставивме добра стратегија. Се водевме од бројките и науката. Дијагностициравме таму каде што е потребно. Ги заштитивме капацитетите на болниците. Немавме преполни болници. Ги избегнавме сценаријата од Италија и Шпанија. Сега ги гледаме резултатите од таа стратегија. Опаѓа бројот на заболени, иако имаме мали варијации. И во овој момент имаме стабилна ситуација, добри мерки и доколку граѓаните ги почитуваат се ќе се доведе во нормала. Се координираме и со соседите за начинот на отворањето на границите.

-Апелирав до граѓаните да не се собират масовно, било тоа дали се работи за верски објекти или не. Ова е борба во која учестуваат сите граѓани. Сите граѓани се дел од тимот и на лекари и на здравствени власти со кои што ја биевме оваа битка. Сега сме во одмината фаза на битката. Битно е борбата да продолжи, зошто само така ќе се задржи позитивен тренд и нема да се соочиме со повторно зголемување на бројот на пациенти, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот