Презентација на Извештајот на Европската комисија во Собранието/ Фотографија: Собрание на РСМ

„Фајненс тинк“ за Извештајот на ЕК: Реална слика за отсуството на реформите во економијата

Извештајот го продолжува нагласениот критички тон за однесувањето на фискалната политика и јавните финансии, забележува Институтот за економски политики и развој

Економскиот декл на Извештајот за напредокот на Северна Македонија дава реална слика за продолженото отсуство на напредок на повеќе критички реформски точки за македонската економија, оценува Институтот за еконосмки политики и развој „Фајненс тинк“. Оттаму велат дека извештајот го продолжува нагласениот критички тон за однесувањето на фискалната политика и јавните финансии во претходната година (септември 2024 – септември 2025), и тоа на неколку пункта. Фискалната консолидација е бавна, особено во контекст на преземените обврски за големи гаранции за кредитите од комерцијалните банки и засиленото трошење по ребалансот на Буџетот од 2024 година, рефлектирано во платите на јавниот сектор и пензиите. Извештајот наведува: „Платите на јавниот сектор беа зголемени во текот на годината повеќе од оригиналнобуџетираните средства, а пензиите беа зголемени во септември 2024 и повторно во март 2025, на линеарен начин, наместо преку индексирање.“

Наместо да се приближуваме кон стандардот на ЕУ, ние се оддалечуваме, покажува Извештајот на Европската комисија

Имплементацијата на Законот за буџети, која требаше да започне на 1 јануари 2025 е одложена. „Ова имплицира неусогласеност со фискалните правила и со Интегрираниот финансиски информациски систем (IFMIS). Ова одложување создава неколку негативни ефекти: се одложува воспоставувањето системска фискална дисциплина. Тоа значи дека без имплементација на фискални правила, растот на тековните трошоци останува ненадгледуван; се оневозможува среднорочно планирање врз основа на реални капацитети, а институциите продолжуваат да проектираат „амбициозни, но неостварливи“ капитални проекти. Капиталните расходи и понатаму се предмет на нереално проектирање. Оттука, тие повторно се предмет на кратење при ребалансирање на Буџетот“, пишува „Фајнесн тинк“.

Според нивната анализа, Извештајот на Европската комисја ја нагласува неодржливоста на шемата според која, при Ребаланс на Буџетот, капиталните расходи се кратат (за 17.3% во 2024), а за сметка на тоа растат тековните трошења, барем делумно (9% во 2024), за да може да се финансира отплата на заостанати обврски, зголемување на платите во јавниот сектор, зголемувањето на пензиите и зголемените трансфери кон фондовите и општините.

„Како резултат на овие движења, буџетскиот дефицит за 2024 изнесуваше 4,4% од БДП, што е значително над првично планираното ниво од 3,4% од БДП, предвидено во среднорочната патека за намалување на дефицитот кон 3% до 2026 година, а во согласност со новите фискални правила“, пишува во ставот на „Фајненс тинк“.

Европската комисија потенцира дека ова произлезе „по крупната ревизија на Буџетот и последователните ребаланси“, при што средствата за капитални расходи беа скратени, додека средствата за тековни расходи, пред сé за плати, пензии и трансфери – беа зголемени.

Фискалната политика не ја поддржа монетарната политика во битката со инфлацијата, потенцира „Фајненс тинк“.

„Извештајот наведува: „… Монетарната политика е ограничена од фиксниот курс и од вишокот ликвидност, и тоа ја прави фискалната политика главен стабилизатор [на инфлацијата, н.з.]. Но, експанзивната фискална политика го стесни фискалниот простор и ризикуваше зголемување на домашниот ценовен притисок.“

Извештајот ги нагласува домашните ризици, посебно оние што произлегуваат од високиот номинален раст на платите.

„Тоа е целосно во линија со нашата анализа. „…притисоците врз цените сè помалку доаѓаат од глобалните пазари или од страната на храната, а сè повеќе се резултат на засилена домашна побарувачка, високи реални доходи и услужен сектор кој ги коригира цените нагоре.“ Оттука, и понатаму е неопходна внимателност и на монетарната и на фискалната политика во овој поглед, пишува „Фајненс тинк“.

Оттаму велат дека треба да се земе предвид и дека Извештајот нагласува дека времените ограничувања на цените и маржите кај храната придонесоа кон волатилност на инфлацијата.

„Ова е во линија со нашите наоди, во којшто оценивме дека варијабилноста кај инфлацијата произлегува од периодите на замрзнување на цените и/или маржите, бидејќи во месеците на примена на замрзнувањата, месечниот индекс на цените забележуваше пад, но тој беше проследен со остар раст веднаш по завршувањето на важноста на мерката“, велат од „Фајненс тинк“.

Извештајот дава остра критика на управувањето со државната помош. Посебно наведува: „Транспарентноста и ефикасноста на државната помош сè уште се под влијание на големиот број даватели на државна помоп, недостигот од ажуриран регистар, и сè уште ограничениот мандат на Комисијата за заштита на конкуренцијата.“

Во остатокот од економскиот дел, Извештајот се фокусира врз потребата од структурни реформи за чие спроведување и резултати е потребен подолг рок, а тоа се областите на човеков капитал, физичка и енергетска инфраструктура и иновации, заклучува Инстититот за економски политики и развој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот