Згради станови / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Европа е потресена од невидена криза со домувањето: Брисел одлучи да каже „доста e“

Комесарот за домување, Ден Јоргенсен, ги предупредува земјите-членки сериозно да го сфатат прашањето за прифатливоста на домувањето – или да се подготват за подемот на крајната десница. Од Лисабон до Талин, Европејците се преплавени од вртоглавите цени на становите и куќите. Брисел треба да преземе мерки оваа недела.

„Ова е вистинска криза“, изјави европскиот комесар за домување, Ден Јоргенсен, за Политико пред одобрувањето на првиот План за прифатливо домување на ЕУ. „И не е доволно само да се зборува за тоа.“

Во оваа смисла, пакетот мерки треба да ослободи јавни средства за изградба на нови домови, да ги следи шпекулациите на пазарот на недвижности и да им даде на регионалните и локалните власти алатки за ограничување на краткорочните изнајмувања што придонесуваат за недостигот на домување.

„Планот ќе биде комбинација од конкретни мерки на ниво на ЕУ и препораки што земјите-членки можат да ги спроведат“, рече Јоргенсен, додавајќи дека Европската комисија сака да им даде можности на националните, регионалните и локалните власти да направат вистински промени на терен – без да ги пречекорат своите овластувања во област каде што формално немаат надлежност.

„Ова е реален проблем што влијае на милиони луѓе, а неактивноста им оди во прилог на десничарските популисти“, предупреди Јоргенсен, наведувајќи ги ултранационалистичките партии кои го искористија незадоволството од високите цени на домувањето за големи изборни добивки во земји како Холандија и Португалија.

„Досега, ЕУ генерално не беше силно вклучена тука“, додаде тој. „Тоа мора да се промени“.

Најконкретната мерка што ќе биде презентирана оваа недела е промена на правилата за државна помош за да им се олесни на националните влади да градат прифатливи станови.

Земјите-членки со години се жалат дека јавните пари можат да се користат само за домување за семејства со ниски приходи. Со оглед на тоа што средната класа сè повеќе се бори да си дозволи домување, новите правила ќе овозможат средствата да се користат за сите групи што се истиснати од пазарот на домување. Пакетот, исто така, ќе им даде на националните, регионалните и локалните власти алатки за регулирање на туристичките станови, кои го влошуваат недостигот на станови во градови како Барселона, Фиренца и Прага, пренесува Н1 Хрватска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот