ЕВРО 2020, Ќумбев: Срце на терен и борба до последна секунда за боите на Македонија!

Фото: EPA-EFE/FACUNDO ARRIZABALAGA/EPA-EFE/SASCHA STEINBACH/EPA-EFE/ZURAB KURTSIKIDZE/EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Македонската А репрезентација предводена од селекторот Игор Ангеловски оди со желба и на ЕП 2020 да се надигрува со најдобрите, тоа знае успешно да го направи, последниот доказ беше големата победа над Германија во Дуизбург (1:2) во рамките од мундијалските квалификации.

Нашите „рисови“ ќе се обидат на континенталниот собир следниот месец да ја грабнат секоја шанса за позитивен резултат на натпреварите и секако по пласман во втората фаза.

Како што е веќе најавено, во вторник на 25 мај селекторот Игор Ангеловски го има собирот, ден подоцна ќе стартуваат и тренинзите, а веќе се закажани и два пријателски натпревари како подготовка, во Скопје на 1 јуни со Словенија и на 4 јуни против Казахстан.

Дебитираме на ЕП, сигурно веќе се прават анализи околу ривалите во нашата група „Ц“, репрезентации со кои се имаме соочено и во минатото, Австрија, Украина и Холандија.

Околу настапот на нашите најдобри фудбалери на ЕП, каде треба да се бара шансата за поволен резултат, колкаво значење носи овој голем фудбалски настан за Македонија, своето размислување го сподели поранешниот македонски репрезентативец Панче Ќумбев кој верува дека овој тим има што да каже и во текот на следниот месец:

Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

– Најголем настан за нас на фудбалски план во историјата. Со нетрпение сите ги одбројуваме деновите до нашиот прв настап на еден голем настан како што е Европското првенство.

Групата можеби изгледа навидум неатрактивна, но секако е многу тешка. Освен Холандија, која е изразит фаворит, мислам дека со останатите две репрезентации во групата имаме реални шанси за пласман понатаму. Многу значаен ќе биде за нас првиот натпревар со Австрија, и евентуален успех за нас (победа или бод) ќе ни даде крилја за вториот и можеби одлучувачки натпревар со Украина. Нема што да изгубиме, ние веќе сме победници со самиот пласман.

Верувам во пласман во вториот круг и мислам дека имам е потенцијал и сила да се носиме со многу посилни репрезентации. Победата со Германија ни дава на сите право да веруваме во фудбалско чудо и мислам дека ова ќе биде наше лето за паметење.

Секоја победа на фудбалерите на ЕП ќе им носи по 300.000 евра

Имаме добра одбрана, одличен среден ред и искусен напад. Пандев сигурно ќе биде нашиот лидер и верувам во неговата позитивна енергија и фудбалско умеење. Но, за мене клучен ќе биде средниот ред на чело со Адеми. И мислам дека баш тука е нашата сила.

Пристапот треба да биде ист како на сите овие натпревари последниве две-три години. Мотивација дополнителна не е потребна. Срце на терен и борба до последна секунда за боите на Македонија – ни изјави Ќумбев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот