Ево Моралес не смее да се кандидира за претседател на Боливија, Уставниот суд му забрани
Уставниот суд на Боливија одлучи дека поранешниот претседател Ево Моралес не може да се кандидира за нов мандат на претседателските избори догодина, пренесоа светските агенции.
Според судиите, Уставот ја исклучува можноста за трет мандат на претседателската функција.
Моралес и актуелниот претседател Луис Арсе, кој беше негов сојузник и министер за економија во неговиот кабинет, сега се борат за контрола врз владејачката партија и за номинација на партијата за претседателските избори следната година.
Судската одлука е одговор на барањето на парламентарец кој апелираше до Уставниот суд да се произнесе по ова прашање и со тоа да го отфрли секој сомнеж за толкувањето на одлуката на понискиот суд донесена во декември 2023 година.
Моралес дојде на власт во 2006 година и беше реизбран во 2010 година. Потоа, по уставниот амандман кој беше критикуван од опозицијата, тој беше реизбран и по трет пат. Кога се обиде да се кандидира и за четврти мандат, со обвинение за измама и под притисок на протестите, тој поднесе оставка непосредно пред претседателските избори во ноември 2019 година и побара засолниште во Мексико, а потоа и во Аргентина, пред да се врати во Боливија.