ЕСМ: Идната недела ќе се дислоцира опожарениот топловод на мостот Беласица, грејната сезона ќе почне навреме

Фото: Фејсбук

Дополнително како што неофицијално дознава „Слободен печат“, гаранција дека нема да има нарушување на снабдувањето со топлинска енергија е и двојната топловодна траса, која не е чепната и која може да се користи во вакви ситуации

Идната недела ќе стартува дислокацијата на опожарениот топловод на мостот Беласица во Скопје, најави Васко Стефанов, генерален директор на АД ЕСМ. Според Стефанов, интензивно се работи на отстранување на овој проблем, а компанијата е во постојан контакт со Град Скопје. Тој додаде дека ќе вложат максимални напори отстранувањето на опожарениот топловод на мостот да се заврши во најкраток можен рок. Работите ги врши ЕСМ Дистрибуција и завршени се сите законски процедури.

-Скопјани може да бидат спокојни, ќе стигнеме да ги завршиме работите до почетокот на грејната сезона. Идната недела почнува со отстранување на уништениот топловод, а потоа ќе завршат и другите работи за негова санација – објасни Стефанов.

Дополнително како што неофицијално дознава „Слободен печат“, гаранција дека нема да има нарушување на снабдувањето со топлинска енергија е и двојната топловодна траса, која не е чепната и која може да се користи во вакви ситуации.

Професорот Михаил Гаревски, директор на приватниот Институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени, за МИА потврди дека нивната експертиза за опожарениот мост „Беласица“ е направена и драфт верзијата е предадена во Град Скопје. Од визуелната инспекција, според Гаревски, не е забележана ниту на еден дел од мостот изложеност на каблите за преднапрегање, туку тие се скриени со заштитниот слој на бетон. Овој е основниот услов и затоа оштетувањата се мали, но, сепак ќе треба да се изврши санација.

Во средината на мај поради опажарена електрична и топловодна инсталација беше предизвикан пожар во кој беше оштетен мостот „Беласица“ во близина на ТЦ „Ист Гејт“, кај бензинската пумпа „Макпетрол“. Одтогаш, тој е затворен за пешачки и моторен сообраќај.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот