Емили Блант сподели кариерен совет, луѓето бесни: „Лесно ти е да кажеш такво нешто кога си милионерка!“
Британската актерка Емили Блант, позната по улогата во филмот „Ѓаволот носи Прада“ (The Devil Wears Prada), се најде на мета на критики откако даде контроверзен совет за кариера.
Препорачано
Во ново интервју за „Бечес“, Блант се наврати на култната сцена во која нејзиниот лик, преоптоварената асистентка Емили, повторува: „Ја сакам мојата работа, ја сакам мојата работа…“, додека се справува со барањата на својата шефица. Сцената со години е вирален мем што многумина го користат како симбол на исцрпеност на работното место.
На прашањето што би им порачала на жени кои моментално го мразат својот работен ангажман, актерката прво се пошегува: „Дајте отказ… не“, а потоа додаде: „Едноставно пронајдете нешто што навистина сакате да го работите. Дури и ако не заработувате пари, ако го сакате тоа што го правите, ќе бидете среќни“.
Иако намерата ѝ била да охрабри луѓе да излезат од токсична работна средина, дел од јавноста не го прими советот позитивно. Многумина истакнаа дека Блант зборува од привилегирана позиција, со оглед на нејзиното богатство кое се проценува на десетици милиони долари.
„Лесно е да кажеш ‘работи го тоа што го сакаш‘ кога заработуваш милиони“, „Среќата не плаќа кирија“ и „Некои од нас мораат да работат за да преживеат“, се само дел од реакциите на социјалните мрежи.
Сепак, имаше и такви што ја поддржаа актерката, посочувајќи дека менталното здравје е подеднакво важно како и финансиската стабилност. Една корисничка сподели лично искуство дека откако дала отказ од работа што ја уништувала психички, се чувствува подобро и како личност и како родител.


