Елек за спасување од „Титаник“ продаден за 670.000 фунти, постигна рекордна цена на аукција
Елек за спасување што го носела преживеана патничка од бродот „Титаник“ е продаден на аукција за 670.000 фунти, односно околу 800.000 евра, пренесе Би-би-си.
Препорачано
Станува збор за единствениот ваков предмет од „Титаник“ што се појавил на аукција во изминатите 114 години од потонувањето на бродот. Продажбата се одржала во аукциската куќа „Хенри Олдриџ енд сан“ во Вилтшир.
Елекот го носела Лора Мејбел Франкатели, патничка од прва класа, која била меѓу приближно 700-те преживеани во трагедијата во 1912 година. Таа го облекла елекот пред да се качи во чамец за спасување.
Аукционерот Ендру Олдриџ изјави дека е „воодушевен“ од интересот за предметот, додавајќи дека високата цена ја одразува трајната фасцинација со приказната за „Титаник“ и неговите патници.
Елекот има 12 џебови и е опремен со ремени и потпори за рамениците, а дополнителна вредност му дава тоа што е потпишан од Франкатели и од други преживеани.
Иако се очекувало да достигне цена меѓу 250.000 и 350.000 фунти, на крајот бил продаден за значително повисока сума.
На истата аукција било продадено и перниче од еден од чамците за спасување на „Титаник“ за 390.000 фунти. Предметот првично му припаѓал на пријател на лондонски трговец со чај, кој загинал во несреќата. Купувач на перничето е музеј посветен на „Титаник“ во САД, каде што ќе биде изложено.
„Титаник“, кој пловел од Саутемптон кон Њујорк, удрил во санта мраз во Атлантскиот Океан на своето прво патување, ноќта на 15 април 1912 година. Во несреќата загинале повеќе од 1.500 луѓе, а трагедијата останува еден од најпознатите бродоломи во историјата.
Аукцијата се одржа во период кога се одбележува 114-годишнината од трагедијата.


