Фото: Instagram / henryaldridgeauctioneers

Елек за спасување од преживеана патничка од Титаник оди на аукција, се очекува да достигне цена од 500.000 долари

 Елек за спасување што го носел еден од преживеаните патници на Титаник ќе биде понудена на аукција и би можел да достигне цена од речиси 500.000 долари.

Елекот ѝ припаѓал на Лаура Мејбл Франкатели, патничка од прва класа, а на аукцијата организирана од англиската аукциска куќа „Хенри Алдриџ и синот“ ќе биде понуден на 18 април, пишува „Пипл“.

Артефактот бил во сопственост на семејството Франкатели речиси еден век, сè додека не бил купен од приватен колекционер пред околу 19 години. Ендру Алдриџ, директор на аукциската куќа, ја нагласи екстремната реткост на елекот и неговата важност за колекционерите.

Фото: Instagram / henryaldridgeauctioneers

– Ова е единствениот спасувачки елек од преживеан од Титаник што некогаш се појавил на аукција. Тој го претставува врвот на колекционерските предмети од Титаник, има исклучително потекло, е редок и бил на бродот – рекол Алдриџ.

Елекот за спасување е направен од платно и содржи дванаесет влошки од плута што обезбедувале пловност. Ткаенината ги носи потписите на осум лица кои преживеале со Лаура во чамецот за спасување број 1. По 95 години во семејна сопственост, елекот за спасување бил продаден на аукција од страна на „Кристи“ во 2007 година за околу 140.000 долари.

Фото: Instagram / henryaldridgeauctioneers

На претстојната аукција елекот има почетна цена од 200.000 долари, но се проценува дека конечната цена би можела да достигне помеѓу 340.000 и 500.000 долари.

– Оние кои се запознаени со приказната за Титаник, најпознатиот брод во светот, веднаш ќе го препознаат името Лаура Мејбл Франкатели. Таа не беше само патник од прва класа кој ја преживеа катастрофата, туку и централна фигура во она што стана една од најзборуваните епизоди од целата трагедија – рекол Олдриџ.

Фото: Instagram / henryaldridgeauctioneers

Франкатели во тоа време имала 22 години и била секретарка на британската модна дизајнерка Лејди Луси Даф-Гордон, и престојувала во кабината Е-36. Двете жени, заедно со сопругот на Лејди Даф-Гордон, Сер Космо Даф-Гордон, патувале за Чикаго. Сите тројца биле спасени во чамецот за спасување број 1, кој станал озлогласен по тоа што бил најмалку полн од трите. Иако имал капацитет од 40, таа ноќ носел само 12 патници.

Елекот за спасување бил изложен до 5 април во Музејот на Титаник во Белфаст, кој го слави поморското наследство на регионот, вклучувајќи го и местото каде што е изграден Титаник.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот