Фото: Sevda Ercan Alamy /Alamy / Profimedia

Експертите објаснија: Зошто некои луѓе мора да трчаат во тоалет кога се под стрес?

Врската помеѓу нашите мисли и цревата е многу подлабока отколку што изгледа на прв поглед. Секојдневниот стрес не само што влијае на расположението и нивото на енергија, туку може да предизвика и многу специфични реакции на телото – особено во дигестивниот систем.

Ако некогаш сте почувствувале „пеперутки во стомакот“, сте го изгубиле апетитот поради нервоза или, напротив, сте почнале неконтролирано да јадете, не сте единствените – и сето ова има научно објаснување.

Нашите црева и мозок постојано комуницираат преку т. н. цревно-мозочна оска- двонасочна комуникациска патека што ги поврзува нервниот и дигестивниот систем. Оваа врска објаснува зошто стресот буквално може да нè „присили“ да одиме во тоалет. Дознајте како стресот влијае на варењето и кои се најефикасните начини за ублажување на овие непријатни симптоми, пишува „Итинг вел“ (Eating well).

Црева и мозок: постојана комуникација под стрес

 

„Познато е дека стресот влијае на подвижноста на цревата преку цревно-мозочната оска“, вели д-р Дејвид Д. Кларк, специјалист за интерна медицина и гастроентеролог.

Клучна улога во овој процес игра вагусниот нерв – најдолгиот мозочен нерв во телото, кој пренесува сигнали помеѓу мозокот и дигестивниот систем, влијаејќи и на варењето и на емоциите.

Кога некое лице е под стрес, тој систем се активира повеќе.

„Во моментите на психолошкиот притисок, хормоните на стрес како кортизол и адреналин го забавуваат варењето“, објаснува нутриционистката Кортни Рејпи.

Последиците можат да бидат надуеност, грчеви, ждригавица (киселини во желудникот), запек или дијареја (пролив).

Зошто стресот влијае на стомакот?

Телото реагира на стрес со покренување на т. н. реакција „бори се или бегај“. Иако повеќе не бегаме од предаторите, туку се соочуваме со е-пошта, рокови и животни притисоци, телото и понатаму ги лачи истите хормони.

„Кортизолот и адреналинот ја пренасочуваат крвта од стомакот кон мускулите, подготвувајќи нè за акција“, објаснува психијатарот д-р Шарик Рефаи.

Резултатот е дека варењето буквално се исклучува и симптомите тоа брзо го покажуваат.

Затоа многу луѓе во стресни ситуации добиваат грчеви, дијареја или едноставно го губат апетитот. Во прашање е природен, телесен механизам, но тоа не значи дека не можеме да го ублажиме.

Како да се спречи стресот да го расипе варењето: проверени стратегии

Поврзаноста помеѓу цревата и мозокот има уште една важна улога – влијае на имунитетот и производството на невротрансмитери како што се серотонин и допамин, хормони одговорни за доброто расположение. Затоа е важно да ги негуваме и цревната флора и менталното здравје.

Движете се

Физичката активност не само што им користи на срцето и мускулите – туку му помага и на мозокот полесно да го совлада стресот. Движењето ги намалува нивоата на кортизол и го намалува ризикот од негативни последици од стресот.

Вежбајте свесно дишење

Кога сме под притисок, дишеме забрзано и плитко. Техниките како што се продолжено издишување или т. н. квадратно дишење (box breathing) се докажани за подобрување на психолошката состојба.

Практикувајте медитација

Кратки паузи, тишина, јога, креативни активности како боење или печење колачи – сето ова помага мислите да се смират и да се намали чувството на преоптовареност.

Грижете се за себе

Не мора тоа да биде викенд во спа-центар. Доволно е да си легнете порано, да изедете оброк кога сте навистина гладни, да прошетате без телефон. Редовните мали паузи прават голема разлика.

Побарајте помош кога ви е потребна

Ако стресот стане преголем и почне да ви го попречува секојдневниот живот, разговорот со терапевт или советник може да биде клучна промена.

Како да го одржите здравјето на цревата и со тоа да му помогнете на мозокот?

„Здравите црева можат да го подобрат менталното здравје исто како што добрата ментална состојба помага во варењето“, вели д-р Рефаи.

Еве што можете да направите:

Јадете храна богата со пребиотици: лук, праз, артичоки, јаболка, бобинки, грав, леќа и овес – сите овие ги хранат добрите бактерии во цревата.

Јадете ферментирана храна: јогурт, кефир, кисела зелка, комбуха и туршија содржат пробиотски култури кои го поддржуваат микробиомот.

Внесувајте доволно растителни влакна: овошје, зеленчук, интегрални житарки, мешунки и јаткасти плодови – не само за варењето, туку и за целокупното здравје.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот