Ацо Ристов

Поранешниот градоначалник на Радовиш од ВМРО-ДПМНЕ ќе биде претседател на Регулаторна

Поранешниот градоначалник на Радовиш од ВМРО-ДПМНЕ, Ацо Ристов, чија сопруга Данка Ристова е членка на Судскиот совет, е предлог за нов претседател на Регулаторната комисија за енергетика по оставката на досегашниот претседател Марко Бислимоски.

Ристов кој е дипломиран електроинженер со долгогодишно раководно искуство во секторите енергетика, хидроенергија, водоснабдување, третман на води, рударство и инфраструктурни системи денеска со седум гласа „за“, два „против“ и ниту еден глас воздржан беше изгласан од членовите на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата. Предлогот Ристов да биде нов претседател на РКЕ треба да биде изгласан на пленарна седница.

Ристов, кој по потекло е од Радовиш, во периодот од ноември 2021 година до октомври 2025 година, ја извршувал и функцијата градоначалник на Радовиш.

Покрај Ристов, на огласот за претседател на РКЕ беше пријавен и Шамил Реџепи од Тетово, магистер по економски науки, вработен во РКЕ од 2004 година. Тој не влезе во потесниот круг поради неисполнување на критериумите од огласот.

– Кандидатот не ги исполнува условите од огласот. Дипломиран економист не е наведено во огласот, државјанството е старо од 1995 година, што може да се каже дека е неважечко – рече претседателот на Комисијата, Ѓорѓија Сајковски.

Реагираше пратеничката Арбана Пашоли од ДУИ која побара одговор од претседателот на Комисијата зошто во јавниот оглас е ограничен критериумот за образованието во однос на член 47 од Законот за енергетика. – РКЕ е значајна институција за енергетскиот сектор и за заштита на јавниот интерес.

По член 47 од Законот за енергетика, кандидатот за претседател на РКЕ може да има образование во неколку различни области, но во огласот критериумите се ограничени само во електротехничкиот дел и тоа создава неусогласеност меѓу огласот и законот, рече Пашоли.

Сајковски појасни дека согласно член 47 од Законот за енергетика, РКЕ ја сочинуваат седум члена од кои еден е претседател, а досегашниот претседател Бислимоски бил магистер по електротехника.

Бислимоски поднесе оставка од функцијата на 12 февруари годинава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот