Поранешен градоначалник или вработен во РКЕ ќе седне во претседателската фотелја во РКЕ
Ацо Ристов и Шамил Реџепи се двајцата кандидати што се пријавиле на огласот за претседател на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Еден од нив ќе биде нов прв човек на РКЕ и ќе го замени Марко Бислимоски, кој по речиси осум години на функцијата, минатиот месец поднесе оставка.
Препорачано
Ристов е поранешен градоначалник на Општина Радовиш, кој функцијата ја извршуваше во периодот од 2021 до 2025 година, додека Реџепи е вработен во РКЕ.
Пријавите по одлуката за објавување јавен оглас за именување претседател на РКЕ утре ќе бидат разгледувани на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата.
Огласот беше објавен откако доскорешниот претседател на РКЕ, Марко Бислимоски, поднесе оставка, две недели откако Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против него. Истрагата се фокусира на случај со компанијата „Тритерол петрол“ ДООЕЛ Скопје.
Бислимоски е осомничен дека свесно не ѝ ја одзел лиценцата на компанијата во јануари 2024 година, кога таа престанала да ги исполнува условите за трговија со нафта. Според пријавата, постапката наводно била прекината со незаконско решение, со што на фирмата ѝ било овозможено да работи до април 2025 година.
Бислимоски веднаш реагираше на кривичната од Финансиска, и на прес-конференција ги отфрли обвинувањата, тврдејќи дека РКЕ постапувала строго според законската регулатива и оти не постоел повластен статус за ниту една компанија.
Бислимоски функцијата во РКЕ ќе ја извршува до изборот на нов прв човек на Комисијата.
Во согласност со Законот за енергетиката, по разгледувањето на пријавите, Комисијата за прашања на изборите и именувањата му предлага на Собранието предлог-кандидат за именување претседател на РКЕ.
Зошто има ново поскапување на бензинот и на дизелот, наспроти очекувањата за поевтинување?


