Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, поднесе оставка
Бислимоски утрово со писмо го информирал претседателот на Собранието дека се повлекува од фунцијата на која за првпат беше избран во јуни 2018 година. Бислимоски во оставката не ги наведува причините за повлекувањето.
По неполни 8 години на функцијата, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски денеска поднесе оставка, дознава Дојче веле.
Препорачано
Бислимоски утрово со писмо го информирал претседателот на Собранието дека се повлекува од фунцијата на која за првпат беше избран во јуни 2018 година. Бислимоски во оставката не ги наведува причините за повлекувањето. Одлуката не сака да ја коментира ни тој, ниту неговите соработници. За причините засега може само да се шпекулира, доколку се има предвид дека вториот петгодишен мандат на Бислимоски истекуваше во јуни 2028 година.
Пред нешто повеќе од две недели Управата за финансиска полиција (УФП) му поднесе кривична пријава на Бислимоски сомничејќи го за злоупотреба на службената положба и овластување. Во пријавата поднесена на 29 јануари се наведува дека Бислимоски, наводно, не постапил според Законот за енергетика и не ја одзел навреме лиценцата на компанијата „Тритерол петрол“ ДООЕЛ Скопје, иако не ги исполнувала условите за трговија со нафта и горива. Лиценцата наводно требало да биде одземена во јануари 2024 година, но постапката била прекината со незаконско решение и лиценцата е одземена дури во април 2025 година.
Тоа ѝ овозможило на компанијата да работи уште околу 15 месеци и за тој период остварила промет од над 3,15 милиони евра и противправна имотна корист од околу 229 илјади евра.
Бислимоски на прес-конференција рече дека ќе им ги стави на располагање сите информации на надлежните институции, со цел да докаже дека во постапката за одземање на лиценцата на компанијата не било направено никакво прекршување на законската регулатива.
„Во наредниот период ќе го следам целиот процес и нема да дозволам на ниту еден начин да биде нарушено моето име. Сè што стои на располагање ќе им биде доставено на институциите. Цврсто сум убеден дека ќе докажеме дека немало прекршување ниту на Законот за енергетика, ниту на Правилникот за лиценцирање“, изјави Бислимоски.


