Нема да дозволам да ми се извалка името, вели Бислимоски откако му поднесоа кривична пријава
Тој е осомничен дека како прв човек на РКЕ ѝ дозволил на компанијата „Тритерол петрол“ да продава нафта, иако таа, според пријавата од Финансиската полиција, не ги исполнувала условите
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, реагираше откако утринава Финансиската полиција поднесе кривична пријава против него за злоупотреба на службената положба и овластување.
Препорачано
Тој е осомничен дека како прв човек на РКЕ ѝ дозволил на компанијата „Тритерол петрол“ да продава нафта, иако таа, според пријавата од Финансиската полиција, не ги исполнувала условите.
Сопственик на „Тритерол петрол“ во тој период (2024 година) бил контроверзниот Љупчо Пецов-Ѓаволот – централната фигура во скандалот со поткупот и уапсениот адвокат Фехми Стафа, во кој на судијата од скопска Апелација Ѓоко Ристов му беа пронајдени 350.000 евра заѕидани во кујната во домот на родителите во Неготино.
Ѓаволот се шета низ Скопје и по болници, а МВР го бара со меѓународна потерница
„Постапките за одземање на лиценца за која било дејност и за кој било сектор се строго пропишани во Законот за енергетика и сето тоа е преточено во Правилникот за лиценцирање, на истиот начин како што сме ги воделе постапките за компанијата која што е посочена, во истиот период се водени исти постапки, со исти рокови и за останати компании, не само во делот на секторот за нафтени деривати, туку истото го правиме и во секторот за електрична енергија“, изјави Бислимоски.
Тој уверуваше дека во РКЕ не постоела ниту една компанија со повластен статус и дека постапките при одземање на лиценци се утврдувани од, како што рече, сериозен тим од Регулаторната комисија за енергетика.
„Буквално истите постапки ги применуваме за сите сектори од областа на енергетиката. Никогаш, ама буквално никогаш, немало повластена компанија или пак компанија за која што се водени постапки спротивно на Законот за енергетика и Правилникот за лиценцирање“, рече Бислимоски.
Во однос на поднесената кривична пријава, тој рече дека ќе го следи целиот процес и ќе ги стави на располагање сите информации до надлежните институции, уверувајќи дека нема прекршување на законската регулатива.
„Во наредниот период ќе се обидам да го докажам, ќе го следам целиот процес кој се случува, и нема да дозволам на ниту еден начин, имајќи предвид дека сум и татко, и сопруг, и брат, и пријател, да биде извалкано моето име. Сè што стои на располагање, јас ќе го дадам на соодветните институции и цврсто сум сигурен дека ќе докажеме дека апсолутно немало никакво прекршување, ниту на Законот за енергетика, ниту на Правилникот за лиценцирање“, рече Бислимоски.
Финансиската полиција поднесе кривична пријава против Марко Бислимоски


