ЕХФ Лига на шампионите: Во ПИК Сегед горат од желба за одмазда кон пелистерци
Еурофарм Пелистер в четврток гостува кај ПИК Сегед кого го совлада во Битола пред една седмица, со само еден гол предност. Унгарците се желни за одмазда по трилерот во Битола кој се решаваше во последните мигови. Пелистерци ќе имаат тешко гостување кај квалитетниот противник
Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер го започнува вториот круг од групната фаза во Лигата на шампионите в четврток (18.45) на многу тешко гостување кај ПИК Сегед во Унгарија.
Препорачано
Во претходното коло пелистерци забележаа голема победа против квалитетниот унгарски состав во Битола со еден гол разлика (25-24) што е само втора победа за битолчани во седум кола.
Но, тој триумф им ги врати надежите дека можат да се пласираат во следната фаза од Лигата на шампионите. Но сега ПИК Сегед сака да се одмазди за минималниот пораз во Битола што јасно го порачува преку својот официјален интеренет гласник.
– Вториот круг од Лигата на шампионите започнува. В четврток во 18:45 часот, шампионот на Македонија, Еурофарм Пелистер, ќе ни дојде во осмото коло. Исполнети сме со надеж за одмазда, бидејќи минатата среда бевме поразени со еден гол разлика на гости – вели официјалното гласило на унгарскиот тим.
Јасно е дека битолчани ќе го имаат можеби најтешкото гостување сезонава во Лигата на шампионите, затоа што противникот е екстра мотивиран за победа.
По ова осмо коло, остануваат уште шест кола до крајот на првиот дел од ЛШ, во кои битолчани ќе се надеваат да се искачат од седмото, барем до шестото место на табелата, последното што води во втората фаза.
Група Б, осмо коло
Среда: Загреб – Магдебург, ПСЖ – Барселона.
Четврток: ГОГ – Орлен Висла Плок, ПИК Сегед – Еурофарм Пелистер.
Табела: Магдебург 14, Барселона 12, Орлен Висла Плок 8, ПИК Сегед 6, ПСЖ 6, ГОГ 6, Еурофарм Пелистер 4, Загреб 0.
Абутовиќ: Очекувам Пик Сегед да има многу посериозен пристап кон нас


