Абутовиќ: Очекувам Пик Сегед да има многу посериозен пристап кон нас
В четврток од 18.45 часот во Унгарија ракометарите на Еурофарм Пелистер во рамките од осмото коло ќе играат против Пик Сегед во ЕХФ Лигата на шампионите.
Препорачано
Со скоро комплетен состав и голем ентузијазам од текот на месец ноември, актуелните македонски шампиони се подготвуваат за вториот натпревар со унгарскиот гигант во само седум дена. На натпреварот в четврток пелистерци ќе имаат поддршка од еден автобус свои навивачи.
Своите очекувања за претстојниот дуел ги сподели тренерот на битолската екипа, Рубен Гарабаја:
– Секогаш е убаво кога се добиваат натпревари во Лигата на шампионите. Тоа можат да го прават само топ-тимови од континентот. Задоволни сме од триумфот во Битола, но во исто време сме внимателни пред возвратниот дуел. Ќе биде потешко од првиот меч, тоа е сигурно. Добро е што полека се враќаме после сите оние потешки повреди на стартот од сезоната. Тимот е скоро комплетен и ќе можеме да имаме поширока ротација. ПИК Сегед исто така се мачеше со одредени повреди, ќе видиме што ќе се случи. Имаме голем простор за уште поголем напредок, мислам дека сликата за тимот е комплетна и очекувам да играме подобро со секој изминат натпревар. Не е време за конечниот расплет во групата, сега се фокусираме само на следниот натпревар. Ако можеме, сигурно ќе се бориме за пласман во втората рунда – се зборовите на Гарабаја.
Дефанзивецот на Еурофарм Пелистер, Илија Абутовиќ вели дека заврши периодот на адаптација и дека тимот чекори во нагорна линија:
– Може да кажеме дека ја креваме формата и се радуваме што скоро целиот ростер сега е комплетен. Ја забележавме можеби досега најголемата победа во елитното натпреварување. Секој играч е важен за нас и знаеме дека можеме да се носиме со сите ривали. Играме со ПИК Сегед двапати во седум дена, но сега ќе биде потешко затоа што играме на гости, а и тие очекувам да имаат многу посериозен пристап кон нас. Ги изненадивме во Битола и сигурно нема да одиме кај нив со бело знаме. Периодот на адаптација е готов, со новиот тренер добивме нова филозофија, ги сфативме сите комбинации и направивме добра анализа на сработеното. Чекориме во нагорна линија, затоа се надевам дека ќе играме подобро и подобро. Во следните 30 дена имаме многу важни натпревари – кажа Абутовиќ.
Во првиот меѓусебен меч, во Битола славеше нашиот првак со 25:24, важни бодови во трката за место во нокаут-фазата.


