ЕХФ Лига на Европа: Металург за чест, Е. Пелистер за подобар пласман пред нокаут-фазата

фото: РК Еурофарм Пелистер

Македонските претставници вечерва ги завршуваат настапите во групната фаза во Лигата на Европа, Металург на домашен терен го пречекуваат Адемар Леон, додека Еурофарм Пелистер му гостува на Кадетен Шафхаузен.
Натпреварите имаат поинакво значење за двете екипи, Металург ќе игра за достојно простување од Лигата на Европа, додека битолчани играат за подобра позиција на табелата пред нокаут фазата.

Металург во досегашните настапи има во групната фаза има едно реми против Фиверс (33:33) и службена победа над Тулуз, со што се наоѓа на последното шесто место во групата А без никакви шанси за освојување на четвртото место кое носи во нокаут-фазата. Последен противник на Металург е шпанскиот Адемар Леон (18.45 ч.), а натпреварот ќе се игра во Арената „Борис Трајковски“.

– Адемар Леон е една многу силна екипа, покриена на сите позиции, предводена од Каденас со врвен систем. Успеаја да триумфираат над Висла Плоцк, два натпревари против Чеховски. Од друга страна ние и натаму имаме проблеми и со коронавирусот и останатите нешта, не може да се ветува нешто за некаков атак на бодови, но тоа што можеме да ветиме е дека ќе го дадеме максимумот. Да го искористиме овој натпревар, да добијат младите шанса да настапат, да се воиграме, за она што ни следува во домашното првенство. Искрено не можам да бидам задоволен од сезонава во Европа од причина што имавме многу поголеми очекувања, за жал реална е оваа слика и од причина што имавме многу проблеми особено со ковид-19 – изјави ракометарот на Металург, Милан Поповиќ.

Од друга страна, влогот Е. Пелистер на гостувањето кај Кадетен е далеку поголем, подобра позиција на табелата пред нокаут фазата. Битолчани се четвртопласирани на табелата во групата Д со 11 бода, еден помалку од вечерашниот противник. Е. Пелистер во нокаут фазата во зависност од позицијата може да игра со Магдебург, ЦСКА Москва или Монпелје. Во еден од најважните натпревари сезоната, тренерот Жељко Бабиќ нема да може да смета на сите ракометари, поради повреда вечерва нема да настапат Кукуловски, Кушан, Вегар, Маџовски и Кузманоски, додека одличниот голман Карим Хендави поради проблеми со визата остана во Битола.
– Остваривме пет победи во низа и натпреварот против Татран ни беше многу важен, за да ја задржиме хемијата како досега. Верувам дека ќе издвојуваме добар резултат во Шафхаузен. Се подготвуваме добро, ги анализираме и знаеме дека не смееме да ги потцениме. Кадетен Шафхаузен е одлична екипа. Како што знаете, тука во Битола одигравме нерешено, а тие на домашен терен знаат да одиграат добро. Затоа мора да бидеме сите заедно, цел тим како едно и да се бориме за подобар пласман понатаму во Лига Европа. Натпреварот во Битола заврши нерешено, но ете имаме втора шанса и нам ни преостанува да се обидеме да им вратиме за тоа што го пропуштивме – вели Ненад Костески.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот