Е. Пелистер минимално подобар од Металург на струшкиот турнир
Составот на Е. Пелистер стартуваше со триумф на 49 издание на турнирот во Струга со победата над Металург (25:24) во рамките од групата „2“.
Препорачано
Во 17 минута од средбата играчите на тренерот Жељко Бабиќ стекнаа предност од „плус четири“ (10:6) и најавија дека одат на сигурен триумф.
Но, тимот од Автокоманда не се предаваше, во 22 минута успеа да стигне до израмнување на 11:11, а до паузата и да поведе со 14:13.
Остануваа нешто помалку од 10 минути до крајот Е. Пелистер повторно се одвои на „плус три“ (23:20), но тимот на Иван Марковски уште еднаш ја врати неизвесноста.
Преку новото засилување од Турција, Озтурк скопските „сино-бели“ се погрижија за нов егал (24:24), а во следниот напад на Е. Пелистер Табоада реализираше за поставување на конечниот епилог.
Металург имаше уште еден напад барем да го избегне поразот, но не успеа во својата намера.
Во победничките редови доминираше хрватскиот интернационалец Божиќ-Павлетиќ со седум голови, а на спротивната страна неговиот сонародник Хорват запиша девет погодоци.
На првиот меч од вториот ден во групата „1“ домаќинот Струга ремизираше со Бутел Скопје (23:23).
Во третиот ден (сабота, 14 август) Тиквеш ќе се соочи со Е. Пелистер од 19.00 часот, а Вардар 1961 за ривал го има Бутел Скопје (21.00 часот).


