Џими Кимел ја исмеа Меланија Трамп: „Ако нејзиниот филм биде номиниран, јас ќе инсистирам да ги водам Оскарите во 2027“
За време на монологот во неговото вечерно шоу, Џими Кимел им порача на гледачите дека ќе инсистира да ја води церемонијата на доделување Оскари во 2027 година доколку документарецот „Меланија“ (Melania) биде номиниран во категоријата за најдобар документарен филм. Водителот ја исмеа водителката на „Фокс њуз“, Кејли Мекенани, која искоментира дека документарецот „треба да биде номиниран за Оскар“ и дека „ако Меланија се појави, ќе биде убедливо најдобро облечената“.
Препорачано
„Запомнете ми ги зборовите – ако ‘Меланија’ добие номинација за Оскар, јас ќе ја водам таа церемонија. Без разлика дали ќе ме замолат или не. Ќе инсистирам“, изјави Кимел саркастично, додека публиката аплаудираше.
Кимел, кој досега четири пати беше водител на Оскарите, претходно во монологот се пошегува: „‘Меланија’ има рејтинг од 7 отсто на ‘Ротен томејтос’, но на ‘Фокс њуз’ има силни 100 отсто.“
Во една од претходните епизоди на неговото вечерно шоу, емитувано пред филмот да почне да се емитува во кината, Кимел го нападна документарецот нарекувајќи го „поткуп од 75 милиони долари што ѝ го направи ‘Амазон’“.
Филмот ја следи првата дама во 20-те дена пред втората претседателска инаугурација на Доналд Трамп. Во најновиот монолог, Кимел се пошегува и со заработката од седум милиони долари, велејќи дека „постави рекорд – најголемо отворање за немузички проект на суета и дрзок корпоративен поткуп во последните 10 години“.
Кимел последен пат беше водител на Оскарите во 2024 година. Минатата година водителската улога ја презеде Конан О’Брајан, кој ќе се врати и во март за годинашната церемонија. Настапот на Кимел во 2024 беше обележан и со неговиот долгогодишен конфликт со Доналд Трамп, кој тој директно го внесе и на самата церемонија.
Непосредно пред Ал Пачино да ја додели наградата за најдобар филм, Кимел излезе на сцената и гласно прочита објава од Трамп на социјалните мрежи, во која поранешниот претседател го критикуваше како водител, наведувајќи: „Дали некогаш имало полош водител од Џими Кимел на Оскарите? Неговото отворање беше како на личност под просекот што премногу се труди да биде нешто што не е и никогаш нема да биде. Ослободете се од Кимел и заменете го со уште еден истрошен, но евтин ‘талент’ на Еј-бј-си – Џорџ Слопанопулос“.
Кимел возврати од сцената: „Бла, бла, бла… Добро, ајде да видиме дали можете да погодите кој поранешен претседател го напишал ова на ‘Трут соушл’. Некој? Не? Па, благодарам, претседателе Трамп. Фала што гледате, изненаден сум што сè уште сте будни… зарем не ви е време за затвор?“.


