Длабок „кратер“ со недели е ископан во Аеродром поради дефект на цевка за парно
Не е новост низ Скопје да се појавуваат огромни дупки, кои откако ќе се ископаат, остануваат неозначени и потенцијални закани за граѓаните, а пример за овој тип на неодговорно дејствување од страна на надлежните е и дупката на улицата кај универзитетот ФОН, на крстосницата со булеварот „Србија“ во Гази Баба, сместена веднаш пред мостот „Беласица“.
Жители на општина Аеродром изминатиов месец постојано апелираат на опасност на патот поради огромна раскопана дупка длабока неколку метри, сместена на влезот на паркингот што води покрај трговскиот центар „Капитол мол“, каде, како што велат, повеќе од еден месец местото е раскопано и несоодветно заградено, а од него постојано излегува водена пареа.
Препорачано
Според фотографиите што тие ги доставија до „Слободен печат“, и повеќе од очигледно е дека оваа локација е опасна за учесниците на сообраќајот, особено за возачите и велосипедистите, земајќи предвид дека дупката е ископана на самиот влез кон паркиралиштето, точно на средина, каде пред местото да се раскопа имаше пешачки остров.

Жителите на скопската општина апелираа за решавање на овој проблем, а една од нив изјави дека местото е несоодветно заштитено и таа смета дека веројатно дошло до дефект на една од цевките за топлинска енергија, бидејќи, како што вели таа, од дупката постојано испарува водена пареа.
– Јас секојдневно шетам покрај булеварот „Јане Сандански“, но изминатиов месец забележав дека е раскопана огромна дупка веднаш до „Капитол мол“, во насока од Лисиче кон Центар, каде веќе петта недела дупката зјае отворена. Местото не е соодветно заштитено со некоја поцврста обвивка и знаци кои би ги алармирале возачите и велосипедистите дека на влезот од паркингот има дупка длабока неколку метри. Дупката е заградена со црвена мрежа што нема никаква заштита, а од местото постојано излегува водена пареа, така што веројатно има дефект на цевката за парно. Сепак, пет недели е и повеќе од доволно за санирање на можниот дефект за повторно локацијата да биде безбедна за сите учесници во сообраќајот – вели таа за „Слободен печат“.
Дупката е ископана поради дефект на цевка за парно
За да дознаеме која е причината за ископувањето на овој „кратер“ среде паркинг во Аеродром, испративме прашања до АД ЕСМ дали дошло до дефект на една од нивните цевки и зошто повеќе од пет недели тој дефект не се поправа, со што местото е ископано и претставува опасност за учесниците во сообраќајот, од каде што ни потврдија дека отворот е раскопан поради дефект на дел од топловодната мрежа.
Во однос на долгиот период од кога оваа дупка е оставена раскопана, од ЕСМ за „Слободен печат“ појаснија дека за овој дефект точно да се лоцира и санира е потребно празнење на поголем дел од топлотните цевки, што би довело до прекин на парното греење на голем дел од корисниците, па затоа одлучиле тој зафат да го направат по завршувањето на грејната сезона.
– Во врска со вашите прашања за ископот во близина на трговскиот центар „Капитол“, ве информираме дека станува збор за дефект на дел од топловодната мрежа. Точното лоцирање и санирање на дефектот бара празнење на поголем дел од топловодната мрежа во тој дел од градот.
Бидејќи таквата интервенција во текот на грејната сезона би можела привремено да го прекине снабдувањето со топлинска енергија за поголем број потрошувачи, одлучено е санацијата да се изврши во период со поповолни временски услови – одговорија од ЕСМ Македонија.

Сепак, оттаму истакнаа дека местото според нив е соодветно заштитено и е под секојдневни проверки од нивните теренски екипи и соопштија дека после еден месец откако е раскопана дупката, одлучиле дека во текот на денешниот ден ќе се санира и целосно ќе се затвори.
– Во меѓувреме, поради одложувањето на санацијата, планирано е ископот да биде затворен во понеделник. Уште од моментот на ископот е поставена соодветна заштита, која секојдневно се проверува од страна на нашите екипи со цел да се утврди дали евентуално е разместена или поместена од минувачи – најавија од ЕСМ Македонија во петокот.
Исто така се обидовме да ја контактираме и Општината, но од нив не добивме никаков коментар.
Уште подолго зјае и огромната дупка во Гази Баба
Не е новост низ Скопје да се појавуваат огромни дупки кои откако ќе се ископаат остануваат неозначени и потенцијални закани за граѓаните, а еден пример за овој тип на неодговорно дејствување од страна на надлежните е дупката на улицата кај универзитетот ФОН, на крстосницата со булеварот „Србија“ во Гази Баба.
Овој кратер е уште поголем од оној кај „Капитол мол“ во Аеродром, а уште пострашно е што местото е раскопано со години, можеби и една деценија, уште кога во Гази Баба се реновираше и отвораше новата улица кон комплексот згради што се изградија во населбата Керамидница.

Факт е дека просторот околу зградите беше постојано исполнет со тешки товарни возила кои со години извршуваа градежни активности, улицата целосно се раскопа, но обемните градења и раскопувања завршија пред околу две години, а тогаш и улицата „Индустриска“ беше донекаде реновирана, а и тоа реновирање одеше во фази, со повеќемесечни прекини, за денес местото да е целосно завршено и отворено за сообраќај.
Сепак, дамка на сета оваа градежна офанзива остана огромната дупка на крстосницата на „Индустриска“ со булевар „Србија“, каде од земјата на местото што толку долго стои раскопано, на почетокот на секоја пролет изникнуваат растенија, а во еден период израсна и мало дрво.
Ситуацијата е слична како во Аеродром, можеби и полоша, земајќи предвид дека длабоката дупка со години е оставена без соодветна заштита и цврста ограда околу неа, правејќи ја опасна за илјадниците возила што одовде минуваат секој ден.
Жителите бараат итна реакција
Граѓаните на социјалните мрежи неколкупати ја коментираа оваа локација и посочија дека редно време е да се исполни дупката бидејќи, како што вели еден од нив, не треба да се чека да се случи некој трагичен настан за институциите да реагираат.
– Да не знае некој случајно кога била бомбардирана општина Гази Баба? Овој кратер е цела деценија вака како што гледате. Местото е на раскрсницата кај ФОН и „Мерцедес“, најнебезбедната раскрсница во цела Македонија! Дали институциите во Македонија чекаат некое дете да загине во оваа дупка или некое дете да загине на оваа раскрсница, за потоа сите да се наредат со солзи во очите и да си направат некое колективно жалење? – вели скопјанец во коментар на социјалните мрежи.
Тој појасни дека и покрај оваа дупка, гореспоменатата крстосница сама по себе претставува опасност за пешаците и за неа Градот и Општината во најкус рок треба да најдат решение.
Жителите на Гази Баба изјавија дека веќе им е, како што велат, преку глава од неажурноста на надлежните и изјавија дека само прашање на време е кога граѓаните ќе започнат со блокирање на крстосницата како единствен преостанат начин да ги „мотивираат“ Општината и Градот после една деценија да го решат овој сериозен проблем и да ја зголемат безбедноста на илјадниците граѓани кои секојдневно минуваат покрај овој огромен „кратер“.


