Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство да поднесе оставка по скандалот со млекарниците, бара Левица
Партијата Левица вели дека „корупцијата во надлежните институции, во случајов на Агенцијата за храна и ветеринарство, е длабоко навлезена во системот“ по информациите дека млекарници правеле измами и дека сирење со само еден процент млечна маст се продавало како полномасно.
Препорачано
„Стоматологот Оливер Миланов, по некоја случајност директор на АХВ, е најдиректно одговорен за сѐ што се случува со квалитетот, т.е. што се произведува, увезува и продава низ супермаркетите како храна, а која ја консумираат нашите сограѓани. После скандалите со корупција и мито во другите надлежни агенции и инспекторатот под капата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, сега имаме и мега скандал со небезбедна храна пуштена по маркетите“, посочуваат од Левица.
Наместо навремена контрола и заштита на јавното здравје надлежните дозволиле производи со состав различен од декларираниот да стигнат до илјадници граѓани.
„Неправилности биле утврдени кај производи на Бела фарм, ПК Златибор, Маврово, Милком, Сентис АГ, Ѓорѓиеви, Тетовска млекара, Продукт и Норд милк. Особено индикативно е што меѓу компаниите, за кои се утврдени неправилности, е и млекарата „Ѓоргиеви“ од Радовиш, чиј сопственик е советник од редовите на ДПМНЕ. Тоа отвара сомнеж за евентуално политичко влијание и институционална заштита. Исто така овој факт ги отвара и прашањата за тоа зошто надлежните не ги објавија имињата на млекарите кај кои се најдени неправилности, но и за висините на казните кои треба да ги платат, односно 3.500 евра, што е повеќе од смешна сума за голема и профитабилна млекара“, реагираат од Левица.
Оттаму нагласуваат дека оваа партија уште од самиот почеток на аферите во МЗШВ јавно бара оставка од министерот Цветан Трипуновски, но, после измамите со млечните производи, оставка освен од Трипуновски бараат и од директорот на АХВ, како и „преземање на сите мерки за утврдување на негова најдиректна кривична одговорност“.
„Јавноста има право да знае колку долго траеле овие злоупотреби, кој дозволил производи што не одговараат на декларираниот состав да се продаваат како млеко и млечни производи и дали зад целиот случај стои организирана мрежа на институционална неодговорност, корупција и политичка заштита“, стои во реакцијата.
Инаку, АХВ утврди манипулации во декларираните проценти на млечни масти во преработки од млеко. Од земените и лабораториски анализирани 45 мостри од млеко и млечни производи, кај 10 оператори е утврдено дека анализираните примероци не одговараат на одредбите од Правилникот за квалитет на земјоделските производи.


