Фото извор ХИПП Фејсбук
Фото извор ХИПП Фејсбук

Во Македонија нема увоз на бебешките кашички „Хип“ што во Австрија се контаминирани со отров за стаорци

Откако бебешки кашички од брендот „Хип“ беа контаминирани со отров за стаорци во Австрија, Словачка и Чешка, производителот ги повлече тегличките од 190 грама направени од моркови и компири во супермаркетите „Шпар“ во Австрија. Производителот тврди дека повлекувањето е од претпазливост и нема никаква врска со компанијата, туку со кривично дело кое е под истрага. Според производителот, тегличките ја напуштиле фабриката во совршена состојба, но потоа биле контаминирани.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство за „Слободен печат“ велат дека ја мониторираат ситуацијата.

До овој момент Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) нема добиено нотификација преку Системот за брзо известување за небезбедни производи на Европската Унија (RASSF), дека на македонскиот пазар е пласиран небезбеден производ храна за бебиња од брендот Хип. Агенцијата ја следи состојбата и доколку се јави потреба навремено ќе реагира, велат оттаму за „Слободен печат“.

Полицијата на австриската покраина Градиште соопшти дека сомнителните теглички имаат бела налепница со црвен круг на дното од тегличката, оштетен или отворен капак и мирис на расипано. Дополнително, кога теглата првпат ќе се отвори, го нема звукот на „пукање“ кој се јавува вообичаено кај кашичките од овој бренд.

Продавниците во Словачка и Чешка ги повлекоа од продажба сите тегли со бебешка храна на брендот.

На социјалните мрежи компанијата соопшти дека конкретната кашичка направена само од компир и морков, воопшто ја нема на македонскиот пазар, односно не се увезува.

Во врска со објавените информации за повлекување на Хип каши во теглички (компир и морков) од ланецот супермаркети Шпар во Австрија, поради потенцијална опасност по здравјето од вметнати одредени материи во процесот на дистрибуција, ве известуваме дека спорниот производ не се увезува нити се продава на македонскиот пазар. Напоменуваме, повлекувањето не е предизвикано од недостаток на квалитет на производот. Се работи за казниво дело кое е под истрага на локалните власти во Австрија. Сакаме да потенцираме дека Хип како најреномиран производител на органска бебешка храна, отсекогаш спроведува најстроги контроли на своите производствени процеси, а исто така сите производи подлежат на контрола при увозот од страна на нашите надлежни институции и истите се безбедни за употреба, велат од тимот на Хип Македонија.

Отровот за стаорци предизвикува крвавење, модринки и крв во столицата, симптоми што може да се појават два до пет дена по внесувањето во организмот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот