Деструктивната љубовна приказна на Жорж Санд и Фредерик Шопен, најголемата љубов на композиторот била неговата најголема рана

Profimedia

Композиторот ја запознал писателката во 1836 година на еден прием. Кога здогледал ниска жена со темни очи облечена во панталони и со цигара во рака, рекол: „Колку непривлечна личност е оваа Санд. Дали е она навистина жена? Се сомневам.“

Фредерик Шопен бил болежлив човек. Кога ја запознал писателката Жорж Санд бил верен, но мајката на вереницата го известила дека до венчавка нема да дојде зашто била исплашена од приказните за неговото здравје и фактот што го поврзувале со неколку, во тоа време, контроверзни жени. Жорж Санд и Шопен ги запознал композиторот и пијанист Франц Лист.

facebook

Во јуни 1838 година, станале љубовници. Санд, која била шест години постара од композиторот, и која имала бројни љубовници, тогаш напишала: „Морам да кажам дека бев збунета и воодушевена од ефектот што тоа мало суштество го остави на мене…И понатаму не се опоравив од изненадувања и кога би била горда личност би чувствувала понижување што сè тоа ме понесе“.

profimedia

Патување во Мајорка

Шопен во тоа време бил сериозно болен, имал големи проблеми со белите дробови. Во ноември 1838, заедно со Жорж Санд отишле на Мајорка, каде поминале три месеци. Бидејќи мештаните одбиле да им издадат стан, се населиле во напуштениот манастир Валдемоса. Токму тука тој ги завршил неговите Прелудиуми за кои многумина велат дека се тоа негови најинтимни дела.  Шопен имал проблеми и со донесување на неговото пијано, кое пристигнало од Париз по долго чекање, па заглавило на шпанската граница каде барале да се плати голема царина. Шопен го користел  клавирот само неколку недели, додека останатиот дел од времето компонирал на расклатено позајмено пијано.

Сепак, „медениот месец“ на парот се претворил во дебакл. Луѓето од Мајорка (кои денес добро наплатуваат за организирани тури и разгледување на манастирот каде што престојувале уметниците), станале свесни за непрекинатата кашлица на Шопен и претпоставувале дека е заразен и дека има туберколоза. Од друга страна Жорж Санд не одела во црква, што за мештаните било скандалозно. На почетокот, Шопен мислел дека животот на островот е рајски, но кога здравствената ситуација му се влошила, не можел да ужива во убавините кој островот ги нудел.

profimedia

Санд се грижела за својот љубовник и инсистирала тој да помине пет месеци во нејзината куќа во Франција, каде во зима би можел да пишува и да ги доработува своите композиции.

Шопен и Санд поминале речиси девет години заедно. Кога врската се распаднала, композиторот бил многу очаен. Жорж доста долго го штитела и негувала, ги поднесувала неговите претерани барања, и му удоволувала.

Шопен престанал да доаѓа во домот на Санд, во Ноан, во кој за време на повремените посети во период од осум години, создал многу од своите големи дела, вклучувајќи ја и Сонатата во Б мол, со прочуениот Посмртен марш. И така, еден ден си заминал, засекогаш, без збогум. Формалната причина била што во семејната кавга на Жорж и нејзината ќерка, Шопен застанал на страната на ќерката, која инаку била неодговорна личност и бројни проблеми и креирала на мајкаси.

На погребот се доаѓало само со покана

Прекинувањето на врската и болеста го скршиле Шопен. Многу ослабнал и не престанувал да кашла. Во последните две ипол години искомпонирал само неколку страници музика. Последниот концерт го свирел во Париз во февруари 1848 година, кога се случила Француската револуција.

Погребан е во 1849. во Париз. На погребот се доаѓало само со покана, која им стигнала на околу 3.000 поканети. Ако смртта е огледало на животот, погребот на Шопен ги рефлектирал сите контрадикторности на неговиот краток живот. Починал на 39-годишна возраст.

Во последните часови на агонија, направил музичка програма за својот погреб. Додека луѓето пристигнувале во црквата, се свирел маршот од неговата Соната во Б мол. Потоа хорот на Парискиот конзерваториум почнал да пее воведни ноти од моцартовиот Реквием. Додека ковчегот се изнесувал, се слушнале звуци од Прелудиумот во Е и Б мол.

Profimedia

Жорж Санд не била на погребот. Не сакала да дојде ни пред тоа, кога тој, од посмртна постела, ѝ испратил покана да го посети.

Морбиден детал за кој многумина не знаат е дека Шопен барал по смртта докторите да му го извадат срцето и да го испратат во родната Полска. Дури во поново време научниците откриле од што починал. Причина за смртта била перикардитис, ретка компликација предизвикана од хронична туберколоза. Лекарите кои го извршиле истражувањето рекле дека ја отвориле теглата во која и денес се чува срцето на Шопен, но набљудувајќи го дошле до заклучок дека Шопен починал од воспаление на срцевата марамица.

Жорж Санд починала во 1876. на 72. годишна возраст.

Шопен е погребан во Париз, а неговото срце е пренесено во црквата Свет крст во Варшава, во согласност со неговиот тестамент.

За љубовната врска на Санд и Шопен се напишани повеќе книги, а снимени се и неколку филмови : A Song to RememberImpromptuDesire for Love.

Несомнено и двајцата биле големи уметници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот