Денеска се навршуваат 13 години од заминувањето на актерската легенда Бранко Ѓорчев
Актерот и директор на Драмскиот театар во Скопје, Бранко Ѓорчев, нè напушти на денешен ден пред 13 години, откако по долго боледување ја изгуби битката со ракот. Бранко е роден во 1962 година во Неготино, а во 1986 година дипломирал на Факултет за драмски уметности, Универзитет „Кирил и Методиј“ Скопје, во класата на проф. Вукан Диневски.
Препорачано
Од 1987 година работел како актер во Драмски театар – Скопје. Зад себе имаше остварено бројни главни и споредни улоги во врвни домашни претстави во матичниот театар и во сите театарски институции во државата.
Во 2006 година беше избран за директор на Националната установа Драмски театар, а во 2010 реизбран на оваа функција. Покрај тоа извршувал голем број општествени функции како: Уметнички директор на Драмски театар, Скопје, Р Македонија, од 2000 до 2002 бил основач на Културен центар Квартет, Скопје. Во 1997, го основал театарот Бабилон, во Скопје. Бил член на Совет на Млад отворен театар – Скопје, член на уметничкиот совет на Драмски театар – Скопје, член на театарскиот совет на Драмски театар во Скопје, почесен член на клубот на оратори при Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, демонстратор и предавач на Правниот факултет по реторика и ораторство во рамките на предметот Римско право, кај професор Мими Поленак на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје.
Ѓорчев исто така бил добитник на голем број награди и признанија како: „Златна маска“ за најдобро глумечко остварување на фестивалот „Охридско лето“ за улогата на Мефисто во претставата „Мефисто“, наградата за најдобар глумец за 1990 во Македонија, за улогата на Фред во претставата „Спасени“, награда за епизодна машка улога „Димче Трајковски“ 2009, „Св. Климент Охридски“ за 2012 година за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, спортот, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност од јавен интерес на Македонија.
Почина на 24 февруари 2013 година во Скопје.


