Нокти со гел-лак/Фото: Flickr

Дали треба да се отстрани гел-лакот пред операција? Анестезиолог објаснува кога маникирот може да биде проблем

Голем број жени користат гел-лак, а кај некои тоа предизвикало проблем при мерењето на сатурацијата, хируршката интервенција или операцијата. Анестезиологот Сузана Крстиќ објаснила за „Еуроњуз Србија“ како се случува ова и дали гел-лакот треба да се отстрани пред зафатот.

При мерење на сатурацијата, што се прави и во текот на хируршка интервенција или операција, на прстот на дланката се поставува пулсен оксиметар. Тој се користи за мерење на сатурацијата на кислородот во крвта. Пулсниот оксиметар претставува составен дел од основното следење во текот на операциите или хируршките интервенции што се извршуваат под општа анестезија. Изгледа како штипка, а во него има сензор што поминува низ плочата на ноктот.

Анестезиологот Сузана Крстиќ објаснила во кои ситуации гел-лакот може да создаде проблем со оглед на тоа што уредот се поставува на прстот од раката.

„На прво место, постои разлика помеѓу гел-лаковите и трајните лакови. Во случај кога пациентката има гел-лак, може да се случи да не можеме да ја измериме сатурацијата. Гел-лаковите се подебели од трајните лакови. Дебелината на гел-лаковите може да направи проблем да не можеме да ја регистрираме сатурацијата со пулсниот оксиметар“, рекла докторката.

Таа додала дека бојата на гел-лакот, исто така, влијае на горенаведеното.

„Ако пациентката стави црн, тегет, кафеав гел лак или гел-лак со слични бои, не можеме да ја измериме пулсната сатурација на периферијата што ја следиме во текот на операцијата“, истакнала таа.

Докторката напоменала дека трајните лакови се потенки и дека многу ретко се случува да дојде до проблем. Таа објаснила дека лекарите однапред ги замолуваат пациентките на кои е потребно да им се измери сатурацијата да стават некој светол лак за нокти или воопшто да не ставаат.

„Најдобро е пациентките воопшто да немаат лак за нокти, особено кога станува збор за сериозни операции. Сензорот мора да помине низ ноктната плоча и секогаш е најдобро таа да е слободна“, истакнала д-р Крстиќ.

Таа навела дека сатурацијата може да се мери и со поставување на пулсниот оксиметар на прстот на ногата, но дека многу жени ставаат гел-лак и на ноктите на нозете.

„Во тие случаи, ние можеме да ставиме штипка на ресичката на увото, но секако е подобро пациентките да дојдат без гел-лак или барем да биде светол“, заклучила анестезиолог Сузана Крстиќ.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот