Донад Трамп и канадскиот премеир Марк Карније EPA-EFE/FRANCIS CHUNG / POOL

Дали Марк Карни е единствениот кој може да го скроти Трамп?

Канадскиот премиер Марк Карни, поранешен гувернер на централна банка и долгогодишен застапник на глобалната соработка, понуди една од најотворените и најдиректни оценки за состојбата на светскиот поредок, оценувајќи дека меѓународните правила што доминираа со децении се сериозно нарушени. Во говор на Светскиот економски форум во Давос, кој брзо стана вирален, Карни порача дека светот влегол во нова ера во која „силните прават што можат, а слабите трпат што мораат“, објави „Гардијан“.

„Стариот поредок нема да се врати и не треба да тагуваме по него. Носталгијата не е стратегија“, изјави Карни пред политичките и бизнис елити собрани во Давос.

Тој предупреди дека усогласеноста со правилата повеќе не гарантира безбедност и дека меѓународните норми сè почесто се кршат без последици.

Иако директно не го спомена американскиот претседател Доналд Трамп, Карни јасно алудираше на политиките на Белата куќа, оценувајќи дека постои обид за демонтажа на „архитектурата на колективно решавање проблеми“ што го обликуваше глобалниот систем во изминатите осум децении.

Професорот по меѓународни односи на Универзитетот во Торонто, Џек Канингем, оцени дека Карни е првиот голем западен лидер кој јавно и фундаментално ја признал новата реалност.

„Многу лидери зборуваат за опасните отстапувања од нормите, но потоа се надеваат дека Трамп ќе биде смирен или прилагоден. Карни покажа дека тоа е илузија“, изјави тој.

Според Канингем, западните престолнини сè повеќе сфаќаат дека не можат да го „управуваат“ Трамп и дека се соочуваат со распаѓање на меѓународниот поредок во чија изградба клучна улога имаа токму САД. „Карни даде правец во момент кога многу земји бараат лидерство“, додаде тој.

Во својот говор, канадскиот премиер предупреди дека големите сили ја претвораат економската интеграција во оружје.

„Тарифите стануваат лост, финансиската инфраструктура средство за принуда, а синџирите на снабдување се ранливости што се експлоатираат“, рече Карни, алудирајќи и на најновите закани на Трамп за воведување царини кон европските земји што се спротивставуваат на неговите барања околу Гренланд.

Карни предупреди дека светот на затворање и „тврдини“ ќе биде посиромашен, понестабилен и помалку одржлив.

„За средните сили, како Канада, прашањето не е дали ќе се прилагодиме – мораме. Прашањето е дали ќе се браниме со повисоки ѕидови или ќе направиме нешто поамбициозно“, рече тој.

Еден од највпечатливите делови од говорот беше пораката дека географската близина и традиционалните сојузи со САД повеќе не гарантираат просперитет и безбедност. Изјавите доаѓаат во чувствителен момент, додека Канада и САД се подготвуваат за трговски разговори, а истовремено се соочуваат со повторени закани од Трамп за анексија на Канада.

„Ако не си на масата, си на менито“, порача Карни, нагласувајќи дека средните сили мора да дејствуваат заедно.

„Големите сили можат да одат сами – имаат пазар, воена моќ и капацитет да диктираат услови. Средните сили немаат“, рече тој.

Карни најави политика на „променлива геометрија“, што подразбира создавање различни коалиции за различни прашања, врз основа на заеднички интереси и вредности. Тој потсети на поддршката на Канада за Украина, нагласи дека земјата стои „цврсто“ со Данска и Гренланд и истакна дека неговата влада активно работи на продлабочување на трговските врски со Европа и Азија.

Во тој контекст, Карни ја спомена и неодамнешната трговска мисија во Кина, каде што Канада побара кинески инвестиции во својот нафтен сектор и ги намали царините за кинеските електрични возила – потег што многумина го толкуваат како отстапување од американската политика.

Поранешниот канадски амбасадор во ОН, Боб Реј, оцени дека институциите не пропаднале, туку дека суперсилите не ги исполниле своите обврски. „

Русија и САД одлучија да го земат законот во свои раце“, рече тој, додавајќи дека Карни јасно порачал оти институциите не треба да се напуштат, но мора да се прифати дека нивната примена станала многу потешка.

Карни заврши со предупредување дека преговорите од позиција на слабост не се суверенитет. „

Кога прифаќаме што ни се нуди и се натпреваруваме кој ќе биде поприлагодлив, тоа не е суверенитет, туку прифаќање на подреденост“, рече тој, додавајќи дека моќта на легитимитетот, интегритетот и правилата и понатаму може да биде силна – доколку државите одлучат да ја користат заедно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот