Дали Македонија ќе ја спасува Србија со природен гас?
Најавената понатамошна диверзификација преку изградба на гасна интерконекција со Македонија, со капацитет од околу 1,5 милијарди кубни метри гас можеби е решение за проблемот со кој се соочува Србија, анализира „Данас“.
Со гасоводот со Бугарија од 1,8 милијарди кубни метри и со гасоводот со Македонија од 1,5 милијарди кубни метри, Србија би можела целосно да се ослободи од притисокот да зависи од само еден извор, рускиот гас, и да обезбеди количини доволни за целокупната тековна потрошувачка, анализира „Данас“.
Препорачано
Најавената понатамошна диверзификација преку изградба на гасна интерконекција со Македонија, со капацитет од околу 1,5 милијарди кубни метри гас, се вели во текстот, можеби е решение за проблемот со кој се соочува Србија по санкциите на Америка за Нафтената индустрија на Србија (НИС).
Министерката за рударство и енергетика, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, неодамна изјави дека диверзификацијата нема да донесе само поголема енергетска безбедност, туку и подобра преговарачка позиција во однос на цените и капацитетите.
— Капацитетот на гасната интерконекција со Бугарија е 1,8 милијарди кубни метри годишно. Со завршувањето на интерконекцијата со Северна Македонија, како и со планираната интерконекција со Романија, чиј капацитет ќе биде меѓу 1,6 и 2,5 милијарди кубни метри, ќе имаме целосно диверзифицирано снабдување со гас во наредните години. Целта е да имаме што повеќе опции за снабдување, да не зависиме од само еден снабдувач и да имаме поголема безбедност и подобра преговарачка позиција во однос на цените и капацитетите — изјави Ѓедовиќ Хандановиќ.
Ќе течат 1,5 милијарди кубни гас годишно преку Македонија
Министерката Ѓедовиќ Хандановиќ минатата недела разговараше со министерката за енергетика, рударство и минерални ресурси на Македонија, Сања Божиновска, за изградбата на гасната интерконекција Србија–Македонија.
Таа изјави дека целта е интерконекцијата да биде завршена до крајот на 2027 година за да може да биде пуштена во употреба на почетокот на 2028 година.
Должината на гасоводот на српска страна ќе изнесува 144 километри, а проценетата вредност на инвестицијата е околу 153 милиони евра. Дел од средствата се предвидени во буџетот за 2026 година.
Во однос на динамиката на изградбата, се очекува добивање градежна дозвола во средината на 2026 година, по што веднаш би започнале градежните работи.
Планираниот капацитет на гасната интерконекција со Македонија изнесува околу 1,5 милијарди кубни метри гас годишно, а трасата би се движела по правецот Орљане–Лесковац–Врање–државната граница.
Оваа интерконекција би претставувала уште една врска со терминалот за течен природен гас во Грција.
Романскиот гас е попривлечен од рускиот?
Енергетската криза што избувна во 2022 година по почетокот на војната во Украина ја натера Србија значително да го забрза планирањето и реализирањето на енергетските проекти. Дотогаш, земјата речиси целосно зависеше од рускиот природен гас, кој покриваше околу 90 отсто од потрошувачката, додека домашното производство учествуваше со минимален удел.
Во услови на силен европски притисок за напуштање на руските енергенси, Србија остана меѓу малкуте земји што и понатаму добиваат руски гас, преку гасоводот „Турски тек“, иако неизвесноста околу идните испораки постојано постои.
Како прв конкретен чекор кон диверзификација, се вели во анализата, Србија во февруари 2022 година започна со изградба на гасна интерконекција со Бугарија, која беше завршена кон крајот на 2023 година. Со тоа, земјата за првпат почна да добива гас од Азербејџан, а во иднина и од ЛНГ-терминалот во Александруполис во Грција. Иако капацитетот на овој гасовод изнесува 1,8 милијарди кубни метри годишно, засега се користи само дел од него, што не е доволно за целосно покривање на годишните потреби на Србија, кои изнесуваат околу три милијарди кубни метри.
Српската министерка за енергетика: Два месеца не стигнала ни капка сурова нафта во Србија
Поради тоа, Србија најави понатамошна диверзификација преку изградба на гасовод со Романија, земја која се позиционира како еден од водечките производители на природен гас во Европската Унија. Со очекуваниот почеток на експлоатацијата на гасното поле „Нептун Дип“ во Црното Море од 2027 година, романскиот гас се гледа како реална и потенцијално поевтина алтернатива на рускиот.
Снабдувањето со гас постепено се диверзифицира, но ситуацијата со нафтата е значително посложена. Америка воведе санкции кон НИС, испораките преку Јадранскиот нафтовод се прекинати, па Србија моментално се потпира на алтернативен транспорт преку Дунав.
Како решение се најавува изградба на нафтовод со Унгарија, кој би ја поврзал Србија со рускиот систем „Дружба“. Сепак, стручната јавност е поделена околу исплатливоста и безбедноста на овој проект, имајќи ги предвид староста на нафтоводот и фактот дека минува низ воено нестабилни подрачја.


