Дали Чак Норис ќе добие улица? Покрената е петиција во Сан Франциско
Сан Франциско, град познат по либералните ставови и силниот активизам, деновиве се најде во центарот на необична иницијатива што ја изненади јавноста и предизвика поделени реакции. Пожарникарот и поранешен кандидат за градски надзорник Стивен Мартин Пинто покрена петиција со која бара улицата „Сезар Чавез“ да биде преименувана во булевар „Чак Норис“, пренесува „Јаху“.
Препорачано
Иницијативата брзо се прошири на социјалните мрежи и за кратко време привлече големо внимание. Според објаснувањето во петицијата, дел од заедницата смета дека името на Чавез повеќе не заслужува јавно признание, додека Чак Норис, како популарна културна икона, треба да ја добие таа чест.
Please help us in our effort to rename Cesar Chavez Street to Chuck Norris Boulevard! Sign our jotform and tell the San Francisco Board of Supervisors WE WANT CHUCK NORRIS BOULEVARD!!!https://t.co/P1t14vueDd https://t.co/Xz3uV3nxn5 pic.twitter.com/l8x1fuBXh2
— Stephen Martin-Pinto (@StephenMPinto) March 20, 2026
Во видеото објавено заедно со петицијата, Мартин Пинто направи споредба со други американски градови кои оддале почит на познати личности од поп културата, нагласувајќи дека и Сан Франциско треба да има своја симболична улица посветена на Норис.
Оваа иницијатива доаѓа во време кога сè почесто се преиспитува наследството на Сезар Чавез. По објавени истражувања со сериозни обвинувања за неговото однесување во минатото, неколку градови во Калифорнија веќе размислуваат за промена на имиња на улици и настани поврзани со него. Во некои случаи, веќе се преземаат конкретни чекори за отстранување на неговото име од јавниот простор.
Сепак, предлогот токму Чак Норис да го замени Чавез предизвика дополнителни реакции. Норис, покрај тоа што е светски познат по акционите филмови и телевизиски серии, има и јасно изразени политички ставови. Тој е познат како конзервативец и поддржувач на Републиканската партија, како и на Доналд Трамп.
Поради тоа, многумина сметаат дека ваквата иницијатива тешко би добила вистинска политичка поддршка во либерална средина како Сан Франциско. Инаку, и самата улица има бурна историја – пред да го добие името на Чавез во 1995 година, се викала „Арми Стрит“, а и тогаш одлуката предизвикала жестоки дебати.


