Дали антидепресивите можат да помогнат кај хроничната болка?
По години борба со хронична болка и без јасна дијагноза, нашата репортерка се соочи со неочекуван предлог: антидепресиви. Оваа лична приказна ги истражува научните и емоционалните аспекти на една контроверзна терапија.
Оваа статија ја пишувам малку подоцна отколку што планираше тимот на ДВ за наука. На денот кога требаше да го пишувам текстот за врската помеѓу хроничната болка и антидепресивите, рацете и зглобовите ми беа толку болни што не можев да типкам подолго од неколку минути. Ах, иронија.
Препорачано
Среќа што овој пат болката се повлече за викендот. Но, во минатото, често сум моралa да земам одмор од работа со недели бидејќи било каква активност што бараше употреба на рацете ми беше речиси невозможна. Причината за болката? Ниту еден од многуте доктори што сум ги посетилa во изминативе години не успеа да ми ја открие.
Не се знае точно колку луѓе во светот живеат со хронична болка, но во западниот свет, околу 20% од возрасните ја имаат, според Меѓународната Асоцијација за Проучување на Болка (IASP). Тие ја дефинираат хроничната болка како „состојба каде што лицето чувствува болка најмалку три месеци, речиси секој ден“. Ако болката сериозно ви го нарушува секојдневието, како што е невозможноста да готвите, да играте спорт или да пишувате, тогаш според IASP тоа е хронична болка со висок интензитет.
Ако вие или некој близок сте дел од оваа „непријатна“ група, веројатно знаете каде завршив јас во септември 2024 година. По низа рендген снимки и МРИ на рацете, зглобовите и ‘рбетот, сите со негативни резултати, по неуспешни тестови за ревматизам и пробување на различни терапии како физиотерапија, остеопатија и акупунктура, бев подготвeна да пробам речиси сè за да ја стопирам болката.
Така завршив пред специјалист за болка, решително кимнувајќи на прашањето: „Дали би сакале да пробате антидепресиви?“
Болката и расположението се обработуваат на слични места во мозокот
Не сите реагираат позитивно на ова прашање.
„Многу пациенти се навредуваат,“ вели Тамар Пинкус, деканка на Факултетот за животна средина и науки на Универзитетот во Саутемптон, Велика Британија. „Тие мислат дека лекарот сака да каже дека болката е само во нивната глава“.
Пинкус е експерт за хронична болка, базирано на нејзините детални истражувања и лично искуство. Таа вели дека со текот на времето редовните лекови против болка често престануваат да делуваат кај хроничните пациенти. Еден од главните причини за користење на антидепресиви е токму нивното влијание врз расположението.
„Околу 40% од луѓето со хронична болка се во лошо расположение“, објаснува Пинкус. „Не се клинички депресивни, но чувствуваат вина што не можат да дадат се од себе на работа или дома и честопати не можат да го прават она што го сакаат“.
Антидепресивите, вели Пинкус, може да помогнат и со тоа, но и директно со болката. Хемиските супстанции во мозокот, серотонин и норадреналин, не само што влијаат на расположението, туку и на чувството на болка. Токму на овие супстанции делуваат антидепресивите.
„Областите во мозокот што процесираат болка се блиску до оние што обработуваат негативни емоции“, додава Пинкус.
Оваа поврзаност ја прави логична идејата дека антидепресивите кои се користат за лекување на депресија можат да помогнат и со хронична болка. Но, како што велат Пинкус и други научници, работите не се толку едноставни.
Студиите за антидепресиви и хронична болка се ограничени
Во соработка со Кокрејн, глобална мрежа за преглед на здравствени податоци, научниците од Универзитетот во Саутемптон анализираа резултати од 176 студии за антидепресиви и хронична болка. Во студиите учествувале речиси 30.000 пациенти, кои земале 27 различни антидепресиви.
Резултатите се скромни: повеќето студии биле мали со генерално слаби податоци, правејќи ги научниците сигурни само за еден од испитаните 27 антидепресиви — дулаксетин.
На пример, амитриптилин, најчесто препишуван антидепресив за хронична болка во САД, Велика Британија и Германија (еден од двата што јас ги земам речиси една година), не помина на тестот. Ниту една од студиите за амитриптилин не достигна доволен број на учесници, барем 200 во секоја група, што е прагот за сигурност според Кокрејн и Универзитетот во Саутемптон.
Тоа не значи дека амитриптилин не може да помогне кај поединци. Јас ѝ кажав на Пинкус дека после околу четири недели земање амитриптилин моите симптоми значително се подобрија и дека спиев подобро, што не ја изненади.
„Ние се водиме од податоци од групи луѓе“, објасни Пинкус.
„Не можеме да предвидиме како поединец ќе реагира на лекот. Амитриптилин е трицикличен антидепресив со можни сериозни несакани ефекти, како поспаност. Некој може да рече ‘Тоа е точно она што ми треба’. Но, ако гледаме на групно ниво, ниската ефикасност и високата можност за несакани ефекти не се добра комбинација“.
„Живејте го животот до максимум“
Дури и студиите кои покажаа дека дулаксетин помага за намалување на болката и враќање на функцијата, односно можноста да се врати поединец во нормални активности, биле краткорочни. Тие не ги проучувале подолго несаканите ефекти или штетата што лекот може да ја предизвика на долг рок.
„Резултатите се ветувачки, но ме загрижува тоа што нема податоци за можните долгорочни последици“, кажа Пинкус.
Како некој кој лично има почувствувано олеснување од антидепресивите, ме интересираше што Пинкус препорачува како третман на хронична болка.
„Живејте го животот до максимум“, рече таа. „Бидете креативни и авантуристички настроени! Кога правите нешто што ви носи радост, тоа ја менува структурата на мозокот. Секое нешто што ве радува ви помага да живеете со хроничната болка“.
Извор: Дојче веле/ Автор: Карла Блајкер


