Дајан Ворен - Фото: EPA/CHRIS TORRES

ВИДЕО | Дајан Ворен продолжува со разочарувачкиот рекорд: Номинирана е 17 пати, а ниту еднаш не победи во трката за Оскар

Кантавторката Дајан Ворен испиша необична историја на овогодишното доделување на Оскарите, од дури 17 номинации во кариерата, но сè уште нема освоено ниту една статуетка. И оваа година Ворен беше номинирана за песната „Dear Me“, која ја изведува Кеша во документарецот „Дајан Ворен: Немилосрдна“, филм што ја следи нејзината импресивна кариера, пишува „Дејли Мејл“.

Сепак, наградата заврши кај тимот зад песната „Golden“ од филмот „Ловци на демони од К-Поп“. Со овој пораз, Дајан Ворен го презеде неславниот рекорд од Грег П. Расел како личност со најмногу номинации за Оскар без ниту една освоена статуерка.

Кантавторката, која стои зад големи хитови како „Only Love Can Hurt Like This“ на Палома Фејт и „Un-Break My Heart“ на Тони Брекстон, првпат беше номинирана уште во 1987 година за песната „Nothing’s Gonna Stop Us Now“ од филмот „Манекен“.

Дајан Ворен – Фото: EPA/CHRIS TORRES

„Мојот почесен Оскар е осамен“

Во пресрет на церемонијата, Ворен изјави дека е натпреварувачки настроена, но и благодарна за почесниот Оскар што претходно го доби.

„Знаете, сè уште го немам освоено оној натпреварувачки Оскар, а јас сум прилично натпреварувачки тип. Убаво е да се има почесен Оскар, дури е и потешко да се добие од натпреварувачкиот. Не го сфаќам тоа здраво за готово. Но да, сè уште сакам да победам“, изјави таа за „Еј-би-си њуз“.

Набргу по поразот, Дајан Ворен се огласи и на социјалните мрежи.

„Па, барем сум доследна! И вечерва поставив нов рекорд! Но ме знаете, ќе се вратам ако ме сакате!“ напиша таа на Фејсбук.

Песната не беше изведена на церемонијата

Само неколку дена пред свеченоста, Ворен изрази и незадоволство од одлуката на Академијата нејзината песна да не биде изведена во текот на преносот.

„Ќе беше убаво Кеша да ја изведе песната. Тоа ќе беше неверојатен момент. Не можам да влијаам на тоа, но би било навистина одлично“, изјави таа.

Годинава Академијата одлучи на сцената да се изведат само две од номинираните песни, победничката „Golden“ и „I Lied To You“ од филмот „Грешници“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот