Национална опера и балет, фото: Википедија

„Да го одбраниме Колективниот договор“ – СКРМ најави протест на отворањето на „Мајски оперски вечери“

По протестите пред Министерство за култура и потоа и пред Уставниот суд, Синдикатот на култура на Република Македонија (СКРМ) за утре најави нов протестен собир, овој пат на платото на Националната опера и балет на отворањето на манифестацијата „Мајски оперски вечери“.

„Културни работници, уметници, колеги и поддржувачи на култарата. Ве повикуваме на денот на отворањето на ‘Мајските оперски вечери’ заедно да застанеме во одбрана на Колективниот договор за култура, темелот што ги штити нашите права, достоинство и сигурност. Она што публиката го гледа на сцена, во музеј, библиотека или галерија не е случајност. Тоа е резултат на години труд, знаење, посветеност и љубов. Зад секој аплауз стои човечки живот, но зад завесата мора да стојат права. Денес, тие права се доведени во прашање, не смееме да молчиме“, соопштија од СКРМ.

Тие повикуваат на мирен протестен собир на Советот на СКРМ во проширен состав, со цел, како што велат, мирно, достоинствено и јасно да се порaчаат неколку работи.

„Дека ќе се бориме за зачувување на Колективниот договор за култура. Дека бараме вреднување на трудот на уметниците и културните работници и дека инсистираме на почитување на нашето достоинство и професија“, велат од Синдикатот.

Од таму додаваат и дека „културата не е трошок – таа е идентитет“.

„Правата не се привилегија – тие се основа. Да ја одбраниме културата. Да ги одбраниме правата“, посочија од СКРМ.

Пред една недела, тие протестираа пред Уставниот суд поради стравувањата дека судската постапка поврзана со Колективниот договор во културата може да доведе до уривање на веќе стекнатите работнички права.

Пред судот рекоа дека „она што се случува со Колективниот договор не е техничко прашање, туку е порака дека културата е најлесна мета“.

„Престанете со таргетирање на културните работници. Почитувајте ги стекнатите права, тие се изборени, а не подарени. Не го рушете договорот. Не сме буџетска ставка – туку луѓе. Правдата не е алатка за штедење. Држава без култура е празна држава. Кратење на културата значи кратење на идентитетот. Денес ни го земате правото – утре гласот. Ова не е реформа, ова е уривање“, порачаа културните работници пред Судот.

Културни работници на протест пред Уставен суд порачаа „Рацете подалеку од Колективниот договор“

Министерот за култура, Зоран Љутков, со кого СКРМ изминатиов период влезе во јавна војна, рече дека на протестот имало „вулгарни транспаренти“ и дека се „штити неработењето“.

„Од друга страна, јас имам колеги кои доаѓаат тука, со кои постојано разговараме, а тоа се луѓето кои што работат и кои ја имаат истата плата со оние кои што не работат. И тие бараат решение, тие сакаат да се реши ова. Велат зошто да ги штитиме неработниците? Зошто некои луѓе постојано да одбиваат работа, а да земаат плата како колегите кои им се 24/7 на работа? Зошто јавноста да мисли дека во културата не се работи заради овие неработници? Тоа е суштината. Тие што ги држеа транспарентите, јас се срамам во нивно име бидејќи си го штитат сопственото неработење. Исплашени се за нивните плати бидејќи знаат дека не се појавени со месеци, а некои и со години на работа“, рече Љутков.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот