Д-р Стевановиќ: Голема е веројатноста уште денеска да се исполнат капацитетите на Инфективна клиника

Милена Стевановиќ, директор на Инфективната клиника во Скопје/ Фото: Архива на Слободен печат

Се пополнуваат капацитетите на Инфективната клиника во Скопје. Директорката д-р Милена Стевановиќ во изјава за „Слободен печат“ вели дека во моментов има уште неколку слободни кревети, но голема е веројатноста до крајот на денот да се пополнат.

– Утринава имаме неколку исписи, со што ќе се ослободи дел од капацитетот, но не ја исклучувам можноста до крајот на денот да се исполни капацитетот на Инфективна. Сепак, граѓаните не треба да стравуваат, ние веќе ги препраќаме пациентите на Интерните клиники кои што се пренаменети во ковид центри, вели Стевановиќ.

Додека пациенти болни од ковид се препраќаат во други болници, каде што ги третираат интернисти, модуларната болница во рамки на Инфективна се уште не е во функција

– Модуларната болница ќе ја отвориме откако ќе се пополнат капацитетите на интерните клиники. Во моментов не сакаме да ја отвориме затоа што мораме да размислување на рационално искористување на докторите и останатиот медицински персонал. Ние сепак сме мал број на инфектолози. Од друга страна воопшто не станува збор за стручност, сите колеги се стручни да лекуваат пациенти болни од ковид. Во случај да пораснат бројките на заразени и да се појави потреба од поголем број на хоспитализации, модуларната болница е подготвена повторно да почне да работи, вели Стевановиќ.

Таа се надева дека овој пат ќе не одмине опасниот бран со висок процент на заразени, но апелира дека само вакцинацијата и почитувањето на мерките се единствен начин побрзо да излеземе од пандемијата.

– Тоа е одговорно општествено однесување, а не личен избор на поединецот. Кога еднаш граѓаните тоа ќе го сфатат многу брзо ќе ја надминеме пандемијата. За да нема навала на огромен број пациенти за кои е тешко да се грижиме истовремено, мора да има повисок степен на имунизација, апелира директорката на Инфективна клиника, Милена Стевановиќ.

На Клиниката за дерматологија, која е пренаменета во ковид центар, од 28 болнички кревети, има уште само два празни.

ВИДЕО: Клиниката за дерматологија пренаменета во ковид центар, другите пациенти префрлени на Ендокринологија

Видео на денот