Поплава во Ресен / Фото: ДЗС, Фејсбук

ЦУК: Поплави во Пелагонија и на Југозападот, проблеми и со снегот на планините

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека состојбата по обилните врнежи на територијата на државата, заклучно со 8 часот утринава, постепено се стабилизира, иако на одредени подрачја сè уште се евидентирани поплави и отежнат сообраќај.

– Во Пелагонискиот Регион, во општините Битола, Могила и Новаци, водата се повлекува од поплавените површини каде што претходно имаше излевање на реките. Нивото на реката Црна кај селото Новаци синоќа во 18 часот изнесувало 320 сантиметри. Во Демир Хисар, поради оштетување на мостот на Боишка Река, локалниот пат кон селото Мренога е затворен за сообраќај. Реките се вратени во своите корита, освен реката Црна во атарот на селата Жван и Единаковци, каде што сè уште има излевање и се поплавени поголеми земјоделски површини – информира ЦУК.

ВИДЕО | Новинарка ги соблече чевлите, чорапите и јакната за да загрее премрзнато дете во поплавите во Кичево

Во Ресен, поројните врнежи предизвикаа поплави на земјоделски површини, но водата почнала да се повлекува по интервенцијата со градежна механизација за расчистување на коритото на Голема Река.

-Во Југозападниот Регион, во Охрид, на реката Сушица е изграден заштитен насип со багер, со што е спречено понатамошно излевање. Сепак, сè уште има поплавени подрумски простории и дворови на повеќе локации. Во струшкото село Мислешево поплавени се дворови и обработливи земјоделски површини, а санацијата е отежната поради неможност за обезбедување пропуст за истек на водата. Во Калишта се преземаат дополнителни мерки за санација и заштита на населението поради поплавени дворови и подруми – велат од ЦУК.

ЦУК: Обилните врнежи од дожд предизвикаа одрони, свлечишта и поплави на повеќе места во државава

ЦУК информира дека во Дебар реката Радика има зголемен водостој, но засега нема опасност од излевање. Патните правци се проодни, иако се евидентирани помали одрони на делниците Жировница–Дебар и Дебар–Струга, кои редовно се расчистуваат.

Во Западниот Регион, во Кичево, водостоите на Зајашка Река и на реката Треска се намалени и нема опасност од нови поплави. Во тек е расчистување и дезинфекција на поплавените домови, а евакуираните лица се згрижени во спортската сала „Христо Узунов“.

Во Вардарскиот Регион, во Кавадарци, со механизација се интервенира на повеќе патни правци во ридско-планинските подрачја, каде снежната покривка достигнува до 15 сантиметри.

Високи се нивоата на Вардар, Радика и на Треска – ни се заканува опасност од поплави, свлечишта и од одрони

Во Североисточниот Регион, во општина Ранковце, патниот правец меѓу селата П’клиште и Герман е непрооден поради снежни наноси, а екипите работат на негово расчистување. Сообраќајот е отежнат поради кашест снег.

Во Полошкиот Регион, во Тетово, сообраќајот е нормализиран откако беше отстранета голема карпа од патот кон селото Бањиче, додека во Гостивар, на патот кон Маврово кај каменоломот, се работи на расчистување на одрон.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот