Високи се нивоата на Вардар, Радика и на Треска – ни се заканува опасност од поплави, свлечишта и од одрони
Водостојот на речиси сите водотеци низ Македонија е зголемен поради дождот денеска, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Препорачано
„Согласно расположливите податоци од хидролошките станици низ земјава, значително е висок водостојот во горниот дел од сливот на река Вардар, во Гостиварскиот и во Плошкиот регион. Значително е висок водостојот на река Сатеска и на река Радика, заедно со нивните притоки, а висок е и водостојот на Треска, вклучително и на помалите реки и притоките во нејзиниот слив. Брза реакција на врнежите од дожд покажуваат и поголем број од помалите реки и суводолници, пред сè во западниот дел на Македонија,“ соопшти УХМР.
На истокот од Македонија зголемен водостој се бележи на реката Струмица и во горниот дел од сливот на реката Брегалница, се додава во соопштението.
„До крајот на денот, како и за време на ноќта, се очекува врнежите да продолжат да паѓаат посебно во западните делови на земјата и водостојот во посочените сливни подрачја да остане да биде висок, при што останува можност за локални излевања на помалите реки и суводолници, како и на делови од каналската мрежа за наводнување и одводнување. Исто така, има можност и за појава на одрони и свлечишта. Предупредуваме за претпазливо движење покрај реките и суводолниците во текот на вечерните часови и за време на претстојната ноќ“, предупредува Управата.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) предупредуваат дека по добиена пријава на бројот за итни повици 112, поради врнежи од дожд повторно има свлечиште на патот кон Бањиче. Од ЦУК апелираат до граѓаните да не патуваат на оваа делница додека не се стабилизира состојбата.


