Поплавени подруми и дворови низ земјата, луѓе се евакуираат во Кичево – ЦУК вели дека состојбата е стабилна
Поради обилните врнежи, на повеќе места низ земјата се пријавени поплавени подруми, дворови и одрони, а во Кичево во тек е евакуација на жители од загрозени подрачја. Сепак, според Центарот за управување со кризи (ЦУК), состојбата на поголемиот дел од територијата на Македонија е стабилна и под контрола, без поголеми нарушувања во секојдневното функционирање.
Препорачано
Најмногу интервенции има во западниот дел од земјата. Во Охрид пријавени се поплавени подруми, гаражи и дворови на повеќе локации, за што се известени локалната самоуправа и општинскиот кризен штаб.
Во Кичево се евидентирани поплави на повеќе станбени објекти на улицата „Прилепска“, поради што се спроведува евакуација на жители, а на терен се ангажирани екипи од општината, Дирекцијата за заштита и спасување, Црвениот крст, јавното комунално претпријатие и други надлежни служби.
Проблеми се пријавени и во Струшко, каде што по пријава преку бројот за итни повици 112 е регистриран поголем одрон на патниот правец меѓу селата Татеши и Мислодежда, а надлежните служби работат на негова санација. Во Тетовско и Гостиварско се регистрирани одрони на патиштата Гостивар–Стража и Тетово–Бањиче, со повремени отежнувања во сообраќајот, како и излевања на Вардар, Лукавичка и Сушичка Река, при што е поплавено земјоделско земјиште и дел од дворови. Во Општина Боговиње, пак, поради излевање на вода надвор од каналите е поплавено обработливо земјиште.
Од ЦУК додаваат дека во Битолско и во Ресенско одронот кај селото Сирхан е саниран, додека во селото Дрмени се поплавени два двора.
ВИДЕО | Разорни бранови уништуваат сè на Ада Бојана: Морето го голта брегот и носи куќи
Во општините Куманово, Липково, Старо Нагоричане, Крива Паланка, Ранковце и Кратово нема излевање на реки, ниту, пак, се евидентирани последици од врнежите, а состојбата внимателно ја следат надлежните општински служби, се наведува во соопштението.
И во Скопје, Струмица, Велес, Кавадарци, Неготино, Свети Николе и Штип не се пријавени поплави или одрони, при што состојбата е оценета како стабилна.
Врнежите продолжуваат, велат од ЦУК, а состојбата на теренот и водостоите на реките континуирано се следат од надлежните институции.


