Членот на обезбедувањето на премиерот кој ја тепаше и ја давеше сопругата пред ќерката, добил условна казна
Полицаецот од Шестата управа, кој бил дел од претходницата на обезбедувањето на премиерот Христијан Мицкоски, а беше обвинет дека ја тепал сопругата, на денешното рочиште во Кривичниот суд признал вина и добил условна казна.
Препорачано
-На денешното рочиште обвинетиот призна вина и судот му определи условна осуда – казна затвор во траење од 1.6 години доколку во наредните три години стори друго кривично дело – соопштија од Кривичниот суд.
Тој беше обвинет за кривично дело „телесна повреда“, а според обвинителниот предлог, вработениот во МВР ја нападнал сопругата пред очите на малата ќерка, ја удирал по лицето и по главата, ја фатил за вратот и почнал да ја дави.
-Оштетената успеала да се засолни во тоалет, а подоцна, додека со детето се обидувала да го напушти домот, обвинетиот ѝ го одзел и оштетил нејзиниот мобилен телефон. Заедно со ќерката побарале помош кај сосетка, која ги примила во својот дом – соопштија од Обвинителството кога беше поднесен обвинителниот предлог.
Откако беше обелоденет случајот, Мицкоски рече дека тоа е доказ дека системот функционира за сите, за разлика од минатото, споменувајќи го случајот со уште еден вработен во МВР, кој беше осуден за тргување со службени документи.
-Недисциплина јас не толерирам, не само во рамките на моето обезбедување, туку, за волја на вистината, тоа е припадник на претходницата која не ја гледам така често. А, за волја на вистината, сопругата е ќерка на мој колега од факултет – рече Мицкоски.
https://www.slobodenpecat.mk/mickoski-za-obezbeduvachot-shto-ja-pretepa-soprugata-mal-prestap-i-sistemot-funkcionira/
Поранешниот телохранител на Мицкоски, Ангел Самараков, обвинет за одавање на службена тајна, беше осуден на казна затвор од една година и шест месеци, но Апелација ја укина пресудата и го врати на повторно судење.


