Елка на сквер Јадран/ Фото: Слободан Ѓуриќ

Центар започна со украсување, се поставува деветметарска елка на сквер „Јадран“

Општина Центар започна со новогодишно украсување на повеќе локации на нејзина територија. Денеска се поставува елката на сквер „Јадран“ откако вчера започна китењето на улицата „Орце Николов“. Елката ќе биде висока 9 метри, опремена со лед осветлување и светлосни фигури, а долж скверот ќе бидат поставени мрежи со сијалички и светлосни конструкции.

Со тоа, Центар ја задржува традицијата нејзините жители  предновогодишната атмосфера и расположение да ги чувствуваат цел декември и да им се радуваат на празниците, па веќе вообичаено украсувањето го започнува околу 20-ти ноември.

Од Општината велат дека посебен фокус и годинава ќе имаат скверовите „Јадран“ и  „Капиштец“, како и улицата Боемска и Орце Николов, каде се очекува поголема фреквенција на граѓани и туристи.

Украсување на сквер Јадран/ Фото: Слободан Ѓуриќ

И на улиците  Боемска 1 и Боемска 2 ќе се постави осветлена елка во висина од 9 метри, мрежи и специјални осветлувања во облик на ѕвездено небо, кои ќе го збогатат прославувањето на празникот. На бандерите ќе бидат поставени декоративни светлосни фигури, кои ќе внесат дополнителен празничен дух.

Долж улицата Орце Николов  ќе се постави ѕвездено небо кое ќе ја претвори во магично новогодишно шеталиште, а скверот пред Општината ќе биде украсен со мрежи со лед сијалички на дрвјата, светлосни фигури и лед мрежи, кои ќе го направат просторот привлечен за семејства и посетители.

На улицата Народен Фронт ќе се постави светлосен портал и светлосни фигури во форма на топки, како и дополнителни декоративни елементи долж улицата, додека на скверот во Капиштец ќе биде поставена светлосна фигура, светлосни мрежи и метални конструкции со лед осветлување. Со светлосни мрежи и лед сијалички, како и со светлосни фигури ќе биде украсен и паркот во Капиштец.

На кружен тек помеѓу  улиците Антоние Грубишиќ, Пиринска и Н.Н. Борче во Дебар Маало ќе се постави столбна елка, светлосни фигури во форма на цветови и мрежи со сијалички, со што ќе се облагороди овој фреквентен простор.

Од Општина Центар велат дека украсен ќе биде и плочникот кај  „Агромеханика“. И таму ќе има 9-метарска новогодишна елка, со сијалички и светлечки фигури.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот