ЗХГ: Цементарница го „зацементира“ Скопје на врвот на најзагадени градови во Европа
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски нагласи дека „проблемот со загадувањето е присутен три децении и не може да се реши преку ноќ“ и соопшти дека иако не е познато за јавноста, веќе се вршат засилени инспекциски контроли на терен со цел справување со аерозагадувањето
Од граѓанската иницијатива Зелен хуман град денеска обвинија дека Цементарница е еден од најголемите загадувачи во градот и поднесоа иницијатива „Усје“ да се алоцира од градот поради, како што велат, енормното загадување што секојдневно го предизвикува. Топланата во Кисела Вода според податоците на платформата „Клајмат трејс“ e во топ 10 најголеми светски загадувачи.
Препорачано
ЗХГ бара Цементарница да се премести на друга локација
Од иницијативата побараа Советот и градоначалникот на Град Скопје да заземат став во врска со овој сериозен проблем и тој став да им го пренесат на сите надлежни институции од централната власт.
– Денес ја поднесувам иницијативата до град Скопје за дислокација на Цементарница „Усје“, со која предлагам Советот да заземе став, а градоначалникот тој став да им го пренесе на органите на власта, на централната власт, на Владата, на Министерството за животна средина, на Инспекторатот за животна средина и на Собранието, и тие понатаму да постапуваат. Оваа иницијатива на Зелен хуман град е како придонес за почнување на институционален процес, кој ќе бара дислокација на овој загадувач, кој е меѓу 10 проценти најголеми загадувачи во светот според платформата „Клајмат трејс“ – изјави Маријан Калевски, советник од „Зелен хуман град“.
Тој соопшти дека мониторинг станицата што ја мери загаденоста на воздухот, а е поставена пред Цементарница од страна на ексградоначалникот на Кисела Вода, кој е сега на чело на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, е под целосна контрола на „Усје“.
Калевски исто така го коментираше и новодонесениот Закон за контрола на индустриските емисии со кој, како што вели тој, загадувањето се класифицира како деловна тајна.
– Беше поставена мониторинг станица што сега „Усје“ сама си ја контролира. Последно, во септември 2025 година, Министерството за животна средина предложи закон за контрола на индустриските емисии, што го класифицираше загадувањето како деловна тајна, првпат во историјата на Македонија, при што законот беше усвоен во Собранието и позитивно оценет од цементарница „Усје“, вели тој.

Калевски додаде ако има непостапување од Владата и од Обвинителството во однос на овој проблем со загадување што го предизвикува фабриката за цемент, должност на Градот и на градскиот Совет е да испрати силна порака кон централната власт, што би иницирало почеток на, како што велат, овој многу задоцнет процес.
– Ако ниту инспекторатите, ниту Министерството, ниту Собранието, ниту Обвинителството не ги спроведуваат своите должности и надлежности, должност на Советот на град Скопје, како најблизок до граѓаните, и по закон, и по Устав, да го заштити нивното здравје, може да испрати силна политичка порака и да иницира отпочнување на овој многу задоцнет процес, кој ќе застане рамо до рамо со скопјани во нивна одбрана и во заштита на јавниот интерес. Секаква тешка загадувачка индустрија мора задолжително да биде дислоцирана надвор Скопје, град со огромно загадување на воздухот, поради кој секоја година предвремено умираат огромен број на граѓани, вклучувајќи и деца – вели Колевски.
Ѓорѓиевски во неговиот мандат како прв човек на Кисела Вода информираше дека неговите надлежности застануваат тука и Општината понатаму нема можност да делува, за што тој тогаш потенцираше дека надлежен за да „влезе“ во фабриката за цемент и да санкционира е токму Градот Скопје.
Скопје традиционално на врвот на најзагадени европски градови
Во изминатиов период Скопје традиционално, како и секој декември години наназад, се губи под смогот предизвикан од енормната загаденост на воздухот. Според податоците на „Ај-кју ер“, денеска Скопје повторно беше меѓу најзагадените градови во Европа, со индекс на загаденост од 114, додека, пак, вчера главниот град беше втор најзагаден град во Европа со индекс на загаденост од 172.
На повеќе мерни места во Скопје е надминат прагот на алармирање за суспендирани честички PM10. Според податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на воздух и временската прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, во текот на два последователни дена е евидентирано надминување на дозволената вредност.
Надминувањето на прагот е регистрирано на мерните места во Скопје – Центар, Гази Баба, Карпош и Лисиче.
Блокада на „Цементарница“ в четврток
Од граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ најавија дека на 25 декември во 18 часот, пред Цементарница „Усје“ најавуваат блокада и ги повикуваат граѓаните на протестен собир со порака дека „воздухот во Скопје нема да се исчисти сам“.
– Цементарница е еден од најголемите загадувачи во светот (топ 10 отсто) и се смета за суперемитер на PM2.5 честички според „Клајмат трејс“. Градот Скопје и МЖСПП со години одбиваат да постават мерни станици околу Цементарница, кои ќе прикажуваат 24 часа јавно достапни мерења, а не да прифаќаат противзаконски извештаи со дупки од по 10 часа во ден од мерна станица што Цементарница сама си ја контролира. Бидејќи институциите се глуви, а инспекциите се во зимски сон, граѓаните се самоорганизираат за блокада на Цементарница на 25 декември во 18 часот – велат од граѓанската иницијатива.
ВИДЕО | Густа магла во главниот град: И утрово Скопје меѓу најзагадените градови во Европа
Како што претходно коментираа и од Зелен хуман град, според податоците на меѓународната платформа „Клајмат трејс“, „Усје“ е идентификувана како еден од најголемите извори на загадување од ПМ2.5 честички, рангирана меѓу првите 10 отсто загадувачи на глобално ниво.
– Податоците на апликацијата со вештачка интелигенција „Клајмат трејс“, базирани на сателитско следење и моделирање на индустриските емисии, покажуваат јасни облаци од ПМ2.5 честички кои се движат директно кон Скопје, што, според нив, укажува на значително влијание врз квалитетот на воздухот во градот – велат од „Стоп за Усје“.
Оттаму потенцираат дека во македонската регулатива сè уште не е утврден дневен лимит за ПМ2.5 честичките, иако тие се значително поопасни по здравјето од ПМ10.
За ПM10 честичките, според Правилникот на Министерството за животна средина, дозволено е надминување на граничните вредности најмногу 35 дена во текот на една година.
Дополнително, оттаму додадоа дека според Светската здравствена организација, доколку ПM10 или ПМ2.5 ја надминат дневната дозволена вредност повеќе од три до четири дена годишно, воздухот се смета за потенцијално штетен за здравјето на луѓето – состојба која, како што велат од иницијативата, во Скопје се јавува многу почесто.
– Ајде почитувани активисти, барате чист воздух, е, па, станете од комфор-зоната и дојдете на протест. Ако Орце нема осет дека се задушивме, ние ќе му кажеме во четврток на 25 декември, во 18 часот пред „Усје“. Имате време дотогаш да организирате и да се појавите, велат од граѓанското здружение „Против загадување и труење на народот“, кои ќе ја поддржат блокадата на Цементарница.
ВИДЕО | Густа магла во главниот град: И утрово Скопје меѓу најзагадените градови во Европа
Ѓорѓиевски: Инспекции има, проблемот не се решава одеднаш
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, пак, најави дека до крајот на годината ќе се одржи средба со премиерот Христијан Мицкоски и со Министерството за животна средина за дефинирање конкретни мерки против загадувањето на воздухот.
Градоначалникот нагласи и дека „проблемот со загадувањето е присутен три децении и не може да се реши преку ноќ“, но додаде дека постои сет мерки наменети за домаќинствата, кои треба на долг рок да дадат резултати, а според него од голема помош ќе биде и набавката на нови електрични автобуси.
– Алтернативни горива за загревање домаќинства и она што треба следната година да го добиеме како поддршка од Владата се нови електрични автобуси и реално функционален превоз за граѓаните, за што помалку да користат автомобили – рече тој.
Ѓорѓиевски истакна дека иако не е познато за јавноста, веќе се вршат засилени инспекциски контроли на терен со цел справување со аерозагадувањето.


