Македонско здружение ОМО Илинден-Пирин, Фото: Слободен печат/ Архива

Бугарија му го прекршила правото на слобода на здружување на етнички Македонец, заклучи надлежниот комитет на ООН

Бугарија го прекршила правото на слобода на здружување на етнички Македонец, коосновач на непрофитна организација за човекови права, кога домашните судови го отфрлиле неговото барање за регистрација на здружението без да обезбедат валидно правно оправдување, заклучи Комитетот за човекови права на Организацијата на Обединетите нации (ООН).

Одлуката на социјалните мрежи ја објави и организацијата која ги застапува правата на Македонците во Бугарија, ОМО „Илинден“ – Пирин. Според објавата, станува збор за невладината организација „Правозаштитен комитет Толерантност“, која поднела барање за регистрација согласно законските процедури, но добила негативна одлука без детално образложение. Одлуката подоцна била потврдена и од Апелациониот суд.

Во оценката на Комитетот, како што пренесува организацијата, се посочува дека судските одлуки биле нејасни и претерано формалистички, при што не биле земени предвид дополнителните информации доставени од подносителот на барањето.

– Постоењето на здруженија кои мирно промовираат идеи за толеранција и коегзистенција на различни етнички групи мора да се заштити, дури и ако нивните ставови не се споделуваат од властите или од мнозинството на населението – изјавила Ивон Дондерс, членка на Комитетот за човекови права на ОН – пренесува ОМО „Илинден“ – Пирин.

Комитетот заклучил дека државата не го оправдала одбивањето на регистрацијата, ниту покажала дека мерката била неопходна и пропорционална, како и дека не било прецизирано кои законски одредби биле прекршени и ја повикал Бугарија да ги преиспита судските одлуки и да обезбеди компензација за жалителот, како и во рок од 180 дена да достави извештај за преземените активности.

Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција во Владата рече дека не верува дека ќе се промени ставот на Бугарија, без силна и робусна акција од Брисел и поголемите членки на Европската Унија.

-Верувам дека нашите агрументи се исправни, нашите аргументи од ден на ден се потврдуваат на меѓународната сцена. Впрочем ако го слушавте, едно од оние интервјуа на поранешниот претседател на Бугарија Румен Радев, а сега кандидат за премиер, каде вели дека тој лично два пати ја блокирал Македонија да ги отпочне преговорите, тогаш ни е се јасно. И, секој оној што мисли и се уште верува во прикаските дека ако се измени Преамбулата на Уставот или ако ја додадеме таа измена на Уставот, тука завршуваат нашите предизвици и маки, се лаже – вели Мицкоски.

Десет години не смее да влезе во Бугарија адвокатот Менкиноски, кој ги застапува тамошните Македонци во Стразбур

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот