Брус Спрингстин ја објави „Streets of Minneapolis“, песна посветена на убиствата на Алекс Прети и Рене Гуд
Брус Спрингстин објави нова песна посветена на најголемиот град во Минесота, како реакција на, како што вели, „државниот терор што ѝ се нанесува на Минеаполис“, по неодамнешните убиства на Рене Гуд и Алекс Прети од страна на федерални имиграциски агенти во градот, пишува „Гардијан“.
Препорачано
„Ја напишав оваа песна во саботата, ја снимив вчера и денеска ви ја објавувам како одговор на државниот терор што ѝ се нанесува на Минеаполис. Посветена е на луѓето од Минеаполис, на нашите невини соседи имигранти и во спомен на Алекс Прети и Рене Гуд. Останете слободни“, напиша Спрингстин во објава на социјалните мрежи.
Новата песна, со наслов „Streets of Minneapolis“, беше објавена вчера на јутјуб-каналот на Спрингстин. Во стиховите тој создава слика на немир и насилство, опишувајќи „град во пламен што се бори со оган и мраз под чизмите на окупатор“, сила која ја идентификува како „приватната армија на кралот Трамп од Министерството за внатрешна безбедност“.
Особено мрачен момент во песната е директната посвета на жртвите, кога Спрингстин пее: „Имаше крвави траги / таму каде што требаше да стои милоста / и двајца мртви оставени да умираат на улици покриени со снег / Алекс Прети и Рене Гуд“.
Политичкиот коментар одамна е дел од музиката и јавниот ангажман на Спрингстин. Претходно овој месец тој јавно ги осуди, како што ги нарече, „гестаповските тактики“ на администрацијата поврзани со засиленото присуство на имиграциски службеници, предупредувајќи дека основните принципи врз кои е основана државата „никогаш не биле толку загрозени како што се сега“.
За време на концерт во неговата родна држава Њу Џерси, Спрингстин ѝ оддаде почит на Рене Гуд, посветувајќи ѝ ја својата песна од 1978 година „The Promised Land“. Станува збор за 37-годишна жена, која беше смртно застрелана од службеник на Имиграциската и царинска служба на САД (ИЦЕ) во Минесота.
Спрингстин е долгогодишен критичар на Доналд Трамп, уште пред неговиот прв мандат. Во октомври 2016 година, на настап во Лондон, тој изјави: „Страшни работи се случуваат во САД. Тој ја поткопува целата демократска традиција“.
На концерт во Обединетото Кралство во мај, Спрингстин додаде: „Во мојата земја, со садистичко задоволство ја нанесуваат болката на лојалните американски работници. Го уназадуваат историското законодавство за граѓански права што доведе до поправедно и поплуралистичко општество. Ги напуштаат нашите големи сојузници и застануваат на страната на диктаторите против оние што се борат за својата слобода“.
Американскиот претседател одговори на овие изјави нарекувајќи го Спрингстин „преценет“, „неталентиран“ и „наметлив и арогантен тип“.


